(ВИДЕО) 360˚: ВО ОДРЕДЕНИ ДЕЛОВИ НА МАКЕДОНИЈА КОНОПОТ СЕ КОРИСТЕЛ И ЗА ХРАНА И ЗА УЖИВАЊЕ И ЛУЃЕТО НЕ СЕ ПРОТИВАТ НА УПОТРЕБАТА
Влатко Деков од невладината „ХОПС“, учестуваше во дебата на „360 Степени“, за законска иницијатива за легализација на канабисот.
Тој го цитираше истражувањето на британскиот професор Дејвид Нат за штетноста на сите видови супстанции.
– Алкохол е на прво место, на второ место е хероин, трето е крек, четврто е метамфетамин, петто е кокаин, шесто е тутун, седмото е амфетамин, осмото е канабис. Знам дека за дел од јавноста ова можеби звучи радикално, меѓутоа, мораме конечно да ги користиме релевантнтие податоци – рече Деков.
Тој зборуваше и за теренското истражување на ХОПС, за традиционалната употреба на коноп во Македонија. – Добивме некои многу интересни податоци. Конопот кај нас се употребува долги години, за најразлични цели. Сите знаеме за употреба во индустријата, за производство на одредени текстил, коноп, јажиња, облека и слично, меѓутоа најдовме информации дека во одредени делови на Македонија се користел и за храна и за уживање. Таков е примерот во струмичкото село Добрејци, кадешто најголемиот дел од жителите не се противат на употребата на канабис за задоволство, односно за уживање. Пред неколку години излезе една информација – струмичанец пријавил во полиција дека му крадат од марихуаната. И тоа беше искористено како виц, кој е овој будала, како може вакво нешто да пријави во полиција. Но, тоа ни кажува дека тој смета дека таа марихуана е негово лично право, дека не смее никој да краде од неговата марихуана, неводејќи сметка дека всушност може да се инкриминира самиот себеси. Меѓутоа, луѓето во одредени делови од Македонија сметаат дека е тоа нивно природно право. Така што, кога се носат законите мора да го имаме предвид и тоа – рече Деков.
Тој рече дека треба да се понуди соодветен модел на регулација, бидејќи и со декриминализацијата на поседувањето марихуана, сепак купувањето е кривично дело.