Изгаснат пожарот во кулата во Карпош 4, сопственикот на станот заврши во болница
Пожар во стан ги разбуди жителите на скопската населба Карпош 4. Во огнената стихија гореше стан на најгорниот 17ти кат во една од кулите, а лицето кое живее во него беше пренесено во болница поради вдишување на чад. Според соседите, тој стоел на терасата и на цел глас молел за помош, но набргу потоа пожарникарите успеале да го спасат.
Командирот на противпожарната чета Роберт Фифа вели дека олеснителна околност во оваа ситуација било тоа што станот бил на најгорниот кат поради што пожарот немало каде да се прошири.
“Прва е пристигната екипата од Тафталиџе, тие работеле на евакуација на луѓето во зградата, потоа се пристигнати екипите од Ѓорче Петров и Автокоманда. Во моментот на моето пристигање беше евакуиран еден човек кој што е веројатно сопстевник на станот и кој што беше нешто загрозен од последиците на пожаропт, меѓутоа моите сознанија од екипите на брза помош е дека неговата здравствена состојба е стабилна.”
Причините за настанувањето на пожарот засега не се познати, но се претпоставува дека тој е настанат од невнимание.
На местото на настанот пристигнаа пет противпожарни возила, едно командно, полицијата и брзата помош.
Акцијата за евакуација на станарите и гасење на пожарот траеше околу половина час.
Командирот Фифа апелираше до надлежните институции да обврнат поголемо внимание и да помогнат за слабата екипираност на противпожарната служби.