Северна Кореја: Ким побеснел и погубил високи претставници, голем број испратил во работнички логори – која е причината?
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун наредил погубување на специјалниот претставник на Државниот совет на Северна Кореја за политика кон САД, Ким Хјок Чол, и уште четири претставници на министерството за надворешни работи поради неуспешниот самит со американскиот претседател Доналд Трамп, пренесуваат јужнокрејските медиуми.
Шефот на организацискиот одбор на неуспешниот самит, Ким Јонг Чол, чиј колега на американската страна бил државниот секретар Мајк Помпео, е испратен во работнички логор и на “идеолошко образување”.
За потсетување, во февруари во Ханој се одржа самит на двата лидери на кој требаше да се договорат за денуклеаризација, меѓутоа истиот беше изненадно прекинат по неколку часа поради целосното несогласување во ставовите.
Наводно, егзекуциите на четворицата севернокорејски претставници се извршени во март, а сите биле обвинети за шпионажа во корист на САД.
Ниту личниот преведувач на Ким, Шин Хје Јонг, не успеала да ја избегне казната – таа завршила во работнички логор за политички затвореници поради “правење круцијални грешки во текот на преведувањето”.
Како што се наведува, бесот на Ким Јонг Ун не го избегнала ниту неговата сестра Ким Јо Џонг која донеодамна се сметаше за недопирлива во Северна Кореја. Таа повеќе нема да извршува никакви значајни должности, а засега не се знае дали нејзиниот живот е во опасност.
Медиумите пренесуваат дека станало јасно дека нешто се спрема во Пјонгјанг кога бил објавен службен коментар во државните весници.
“Оној кој пред сите изигрува воодушевување кон Лидерот, а истовремено зад неговиот грб сонува за нешто сосема поинакво, работи против Партијата и револуцијата и сите такви ги очекува немилосрдна пресуда. Се појавија превртливци кои само ги рецитираат зборовите за лојалност на Лидерот па дури и ги менуваат како што дува ветрот”, се наведува во уводникот.
Ваквите коментари не се појавиле во државните весници уште од 2013 година кога беше погубен тетинот на Ким Јонг Ун, Џанг Сонг Таек.