Заев-Повеќе од 20 директори ќе бидат разрешени!
Премиерот Заев веќе најави дека опфатот на промените ја надминува постапката за владина реконструкција и дека ќе се гласа за нова влада. Тој вчера потврди дека разговорите на коалициските партнери се во тек и очекува првите промени се очекува да се случат најдоцна до средината на јуни. Засега не открива имиња, но изјави дека знае кои лица би ги поставил на позициите што ќе бидат подложени на промени.
„Веќе разговарам со луѓе особено нови луѓе кои треба да дојдат на позиции кои ќе бидат променети и испразнети. Разговорите течат. Секое слободно време го користам за да разговарам со тие луѓе за да можам да потврдам дека се нафаќаат и прифаќаат да ја работат таа работа, така што верувам дека ќе стигнам не подоцна од крајот на првата половина на јуни“, изјави Заев.
Според партиски извори, премиерот бил решен да направи темелни промени. Уверувањето го темелат на сознанија дека наводно „на списокот за промени биле негови долгогодишни соработници и лични пријатели“.
Затворени 90 проценти од прашањата
Заев вчера изјави дека коалициските односи со ДУИ се стабилни и дека е голема довербата меѓу него и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Свесни сме дека имаме одредени слаби кадри во нашите редови, затоа и зборуваме за промените, и тие се случуваат“, вели премиерот.
Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити за ТВ „Алсат- М“ потврди дека разговорите финишираат и дека во наредните денови се очекува да биде познат новиот формат на Владата, која според него, би се нарекувала „Влада Заев 2“ и би се концентрирала на економијата и капиталните инвестиции.
„Мислам дека 90 проценти од прашањата се затворени. Очекуваме наредните денови да заврши договорот и да излезе во јавноста новиот формат на Владата. Ако ме прашувате за имиња, не ги знам“, рече Меџити.
Повеќе на темата:
Она што засега останува непознато, е дали и колку врз промените во извршната власт ќе влијаат „бомбите“ што деновиве беа објавени на Фејсбук на приватен профил под името Ел Чека, а кои се однесуваат на разговори на лица од раководството на ДУИ. Според аналитичари, не е исклучено тие да имаат посредно влијание во целиот процес, односно дека без расчистување на криминал и корупција во сите партии, незадоволство ќе тлее без оглед на кадровските промени.
Враќање на успешните
Во меѓувреме, во општинските организации на СДСМ тече постапката за предлагање и самокандидирање за избор на нови претседатели на 78 општински организации (ОО), кои партискиот лидер Зоран Заев ги разреши ред две недели во ист ден. Течат и консултации за избор на нови членови на најтесното партиско раководство – потпретседатели, партиски секретари, претседателка на Форумот на жени и нов состав на Извршниот одбор. Дел од нив самите си поднесоа оставки пред минатонеделаната седница на Централниот одбор, со цел на лидерот да му дадат одврзани раце за спроведување на промените и во партијата.
Но, извесно е дека дел од нив повторно би можеле да се најдат на исти или други функции. Заев веќе најави дека дел од разрешените претседатели на ОО кои имале добри резултати може повторно да се кандидираат. Партискиот портпарол Костадин Костадинов не го исклучи ни враќањето на дел од партиските финкционери кои сами си поднеле оставки, како што беа, на пример, партиските потпретседатели.
„Не ја исклучувам можноста дел од функционерите кои што депонираа оставки да бидат вратени на позиција“, рече тој.
Извор: ДВ