Потресни приказни од скопскиот земјотрес
За Љубовта …..
Несреќата го снашла во хотелот „Скопје“. По првиот потрес, скокнал од првиот кат и за среќа останал неповреден.Покрај ѕидот на хотелот видел мртва жена,а покрај неа мало девојче кое извикувало „Мамо,мамо“.Веднаш отрчал да го земе….Уште не стигнал до него,кога повторно земјата се затресла и урнатините ги покриле обајцата. Но, овој вториот удар бил поразурнувачи, уште посилен. Разделени така еден од друг, останале шест часа под урнатините. Кога војниците конечно го спасиле девојчето и сакале да го поведат,тоа почнало да се трга и на цел глас да извикува :-„Тука има уште еден чичко,спасете го “. Девојчето не си отишло додека не го извадиле „чичкото“. Потоа ја извадиле мајка и мртва.„ Чичкото“ го прашал девојчето: како се вика твојот татко ?.Таа на српски јазик бистро одговорила -„ Јас немав татко, а сега и мама загина“
Чичкото ја повел и на војниците им рекол : „Благодарам што не спасивте. Девојчето ќе го земам, ќе биде моја ќерка, ќе го посвојам, јас и така немам свои деца“
И „ чичкото“ заминал со девојчето.
За Надежта ……
Една тринесетгодишна ученичка потресот ја тргнал од сон. Скокнала да види што се случува.Но прозорецот бил затрупан,горните катови веќе биле урнати.Уплашена побегнала во аголот и легнала на подот, помеѓу шифоњерот и каучот, кои потоа при вториот потрес го задржале таванот од горниот спрат.Се нашла во тесен простор.Плочата-таванот над неа бил само едвај на 20 см.Почнала да вика, но урнатините го заробиле нејзиниот глас.Не била повредена и тоа ја спасило да издржи. Но, истовремено не можела ни да се помрдне. Поминувале часови и часови. Некое време била будна,а потоа заспала. Кога се разбудила почуствувала дека е жедна. Грлото и горело, јазикот и бил сув, а устата полна со прав. Во таква положба, немала никаква ориентација за време. Поминал петокот,саботата,неделата и дури во понеделникот слушнала како се копа над неа. Бетонската плоча почнала да се спушта, се се кршело околу неа.Ја опфатило страв, но не ја изгубила надежта и почнала со последните сили да вика „Помош луѓе, помошˮ. Спасителите се изненадиле и многу се израдувале што ја слушнале и под сите тие урнатини имало некој преживеан. Тој ден ваделе само мртви, мртви и пак мртви.Најпрво направиле отвор од каде и подале вода. Спасувањето продолжило, кога ја извлекле од рушевините ја прашале дали знае колку време била затрупана. Одговорила: „ Мислам неколку часа“
Но не било така,таму била три дена, три ноќи и пет часа.“
Доказ дека надежта не престанува…….
За храброста
„Зградата на улица „Орце Николов“ што се наоѓаше над аптеката „Илинден“, речиси е срамнета со земја, цели 30 часа по несреќата даваше само една констатација: се што имало внатре е мртво.
Оттука беа извадени 56 мртви. Никој не се надеваше дека некоја душа уште може уште да живее во овој крш. Меѓутоа, за големо изненадување и по 30 часа излегоа живи три деца. Браќа. Најстариот 20 години. За кого весниците и порано пишувале.Во 1962 година за поплавата тој помагал при спасување на повеќе од 20 граѓани.Веднаш по затрупувањето,татко му од другата соба му јавил за смрта на неговата мајка. Двата негови помали браќа биле во неговата соба.Почнал да копа,да се пробива,педа по педа, неговите браќа лазеле после него.Отпрвин копал со раце,потоа нашол некое железо.По 30 часа непрестанато копање,здогледал светлина.Почнал да вика и од надвор луѓето го слушнале.
Застанал на нозе како ништо да не се случило.
По него излегле и неговите два брата.
Родителите им ги откопале мртви.“
За солидарноста
„ Во една зграда таа ноќ само еден прозорец бил осветлен, до тоа кобно утро еден инжињер се уште работел на своите трудови кога се почнало да се урива. Сите негови,целата фамилија спиеле. Тој ја зел ќерката од креветот и заедно со душекот и постелата ја завиткал и ја фрлил од четврти спрат. Девојчето паднало на еден полковник, кој не можел да ја задржи и таа се лизнала на асфалтот.Паднала но падот бил ублажен.
Девојчето беше повредено но остана живо. Инжињерот,неговата жена и неговоит син загинаа. Зградата се урна по вториот потрес.“