Заев: Ако ЕУ не испорача датум, Владата најверојатно ќе падне

Ако не го  добиеме очекуваното, датум за преговори по поглавја, постои можност тоа да предизвика пад на владата, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање на прес-конференција во Брисел за последиците доколку Европскиот Совет не ја прифати препораката на Европската Комисија земјата да ги отпочне преговорите по поглавја за пристапување во ЕУ.

„Оваа стабилна влада, со сите тешки одлуки што ги донесе, најверојатно ќе ја изгуби довербата на мнозинството во Собранието. Затоа што им ветивме на членовите на парламентот дека ќе имаме позитивна одлука од Европската Унија ако се движиме напред“, порача Заев.

Тој потсети дека владата трпеливо работела на создавањето мнозинство за уставни промени, за особено чувствителни прашања и дека членовите на парламентот, кои го обезбедија мнозинството за клучните прашања, како што беше и промената на Уставот, беа под закана од страна на националистите и радикалите.

„Баравме консензус за многу закони и прашања зашто сметавме дека така е најдобро. За да добиете консензус во Собранието тоа значи многу непроспиени ноќи. Преговори со многу и со различни засегнати страни, политички партии, граѓански организации, стопански комори, синдикати… И добивме консензус. И сега, ако ЕУ не испорача, најверојатно владата ќе падне. Ако мора да одиме на предвремени избори, економијата ќе запре. Никој не инвестира во време на подготовки на избори, за време на договарање на нова влада. Ќе изгубиме шест месеци, а тоа е најскапоценото време за нас,“ рече Заев.

На прашање на новинарите во Брисел дали предвремените избори во овој случај ќе донесат поголема политичка нестабилност и неизвесност во однос на европските реформи, како и дали тоа им дава повеќе простор на проруски и националистички партии, премиерот Заев рече дека ако има избори, граѓаните се тие што ќе одлучат.

„Или ќе ја поддржат оваа прогресивна, проевропска опција, или оние што ги блокираат овие процеси и што некои ги нарекуваат проруски или националистички и радикални. Разочарувањето што ќе се случи меѓу нашите сограѓани доколку Европскиот Совет не даде позитивно мислење, ќе им даде надеж на овие вторите. На граѓаните кои поддржуваа национализам и радикализам, а тоа не е добро. Не е добро за земјата, не е добро за регионот. Тоа се опциите и тоа не загрижува. Без разлика на тоа што ќе се случи, ние направиме сѐ што можевме најдобро. Сакам нашите партнери (во ЕУ) да знаат дека чекавме 15 години и дека сега е сѐ можно“, рече Заев.

Translate »