Милчин за советниците на Заев: Не ни требаат климоглавци и аминџии!
Режисерот Владимир Милчин во своето гостување во емисијата ,,Само Вистина’’ на Канал 5 телевизија упати низа критики кон работата на актуелната власт.
Тој ги коментираше и советниците на премиерот Зоран Заев кои според него се купени за да ги „аминуваат“ политиките на власта.
– Има два збора кај нас кои се појасни кога ќе ги преведеме на турски. Едниот е поткуп, тоа е рушвет. А вториот во нашиот случај за советниците е аминџии. Советниците обично имаат битна задача, да му укажуваат на тој кого советуваат, тие се платени не за да климаат со глава, туку да укажуваат на ризиците на опасностите ако се направи нешто или ако не се направи, ако се направи прерано или предоцна итн. Не сум сигурен, видов една листа, се работи за луѓе кои можат тоа да го прават, а притоа да не бидат аминџии, климоглавци – вели Милчин.
Државната делегација во која беше и пратеникот Мукоски присуствуваше на аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква во Ватикан, а тоа Милчин го оцени како голем скандал. – Скандалозно е тоа што во македонската делегација за чествувањето на Свети Кирил во Рим кај папата беше и пратеник кој ја отвори вратата во Собранието за време на настаните на 27 април, наместо таму да оди претседателката на собраниската Комисија за култура, изјави – режисерот Владимир Милчин во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
Тој нагласи и дека е видливо дека Собранието се уште го нема преземено својот авторитет, брзајќи во целите процеси не се помисли на прашањето колкава цена ќе се плати за Преспанскиот договор и кој се ќе биде инволвиран за да се направи таа жртва. Милчин го коментираше и менувањето на новиот состав на Европскиот Совет и рече дека тоа во овој момент е лошо за земјава.
– Наместо да се намали ризикот на половина пат од зацртаната цел сега стравуваме дека може повторно да западнеме во една бездна – објаснува Милчин.
За „метлата“ тој вели ,и да ја примил и разбрал премиерот пораката дека треба да има голема „чистка“, не сум убеден дека ист фидбек добивме и од коалициониот партнер ДУИ, една реална самокритика не слушнав досега, вели Милчин.