Почнува со работа контролниот центар за патарини и патишта
Контролен центар за патарини и патишта преку кој ќе се врши мониторинг на сите наплатни станици, како и регулирање на сообраќајот на автопатната мрежа во земјава ќе биде официјално отворен денеска кај наплатниот пункт Петровец.
На отворањето, како што е најавено ќе присуствуваат претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатија за државни патишта Зоран Китанов.
Од денес почнува електронска наплата на патарините на коридорот 10.
Новиот начин на плакање е со електронски картички и тагови кои може да се купат и надополнуваат кај Контролниот центар Петровец. Освен таму, надополнувањето може да се врши на наплатните рампа, а и онлајн. Преку веб-страната ќе имате и увид колку пари сте потрошиле и уште колку имате на располагање.
До мај идната година се очекува сите патарини низ земјава да бидат дигитализирани. Акцентот во иднина ќе се стави на електронската наплата, но сепак плаќањето во готово нема да се укине.