Тамара Тодевска ги откажа закажаните концерти во Охрид и во Прилеп
Македонската пејачка Тамара Тодевска својата одлука ја соопшти на фејсбук, објаснувајќи дека не сака да придонесува за зголемување на агонијата на нејзиното семејство.
– Очигледната ненамерна грешка при пеењето на химната прерасна во вистински пекол за мене и моето семејство. Со оглед на тоа што не сакам да придонесувам за зголемување на нашата агонија како семејство и во интерес на смирување на целата ситуација која излезе вон контрола, решив да ги откажам концертите во Прилеп и Охрид – вели Тамара.
Таа признава дека направила грешка, но се надева дека јавноста ќе најде начин да ја разбере дека не било намерно.
– Се надевам дека оваа моја грешка, повторувам грешка, ќе успеете да ја надминете и дека ќе најдете начин да разберете дека е повеќе од ненамерна. Би сакала да се заблагодарам на сите што беа покрај мене во овие тешки мигови. Ниту сум била ниту ќе бидам дел од нечии политички игри, моето семејство е мој број еден приоритет и нивниот мир е на прво место при секој избор – напиша Тамара.
На прославата во американската амбасада во Скопје, Тамара ги пееше двете химни, на Македонија и на Америка. При изведување на македонската химна таа го изостави делот со Гоце Делчев, што предизвика огромен гнев и незадоволство во јавноста.