Рок до февруари: Охрид се спаси од „црната“ листа на УНЕСКО
УНЕСКО ѝ даде рок на Општина Охрид до февруари наредната година да ги спроведе препораките за заштита на природни богатства, да состави нов извештај за зачувување на имотот, кој ќе биде разгледуван од Комитетот за светско наследство во 2020 година,во спротивно ке заврши на листата на загрозени подрачја.
Се бара да се прогласи мораториум на легализација на сите дивоградби како и рушење на сите нелегално изградени објекти во заштитеното подрачје. Помеѓу другите барања се и носење на законски рамки за спречување на понатамошна нелегална градба, финализирање на планот за управување, решавање на проблемот со нефункционалниот колекторски систем. Потребно е и изготвување на нов проект за железничката пруга кон соседна Албанија и промена на трасата за автопатот од Требеништа до Струга, а понатаму и до границата со Албанија.
Регистерот на дивоградби кои што на барање на УНЕСКО го изработи самата општина во Охрид покажа над 1000 дивоградби, 409 се лоцирани во заштитен појас на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот.
За опозициската ВМРО ваквите препораки кои ги посочи УНЕСКО се практично невозможни се спроведат до февруари бидејќи би требало се рушат по пет дивоградби дневно.
“Само да потенцираме дека општината Охрид има тендер од 20.000 евра односно 1.200.000 денари за рушење на сите дивоградби. Ова е смешно и просто се прашуваме како е возможно со 20.000 евра да се срушат над 1000 дивоградби? Едно е јасно, ниту ќе се срушат дивоградбите во Охрид, ниту пак ќе се воведе ред со СДСМ во Охрид” – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
На состанокот во Баку и делот од Охридското езеро во Албанија е примен под заштита на УНЕСКО, со тоа што и тие имаат рок до 2020 година да ги отстранат сите проблеми со кои се соочуваат на нивна страна. Ова доаѓа откако пред една година властите во Тирана поднесоа номинација за приклучување и на нивниот дел.
Екологистите сметаат дека после ова, двете земји ќе треба да се усогласуваат за секое прашање и проблем кои го засегаат статусот под УНЕСКО. Охридскиот регион е под заштита од 1980 година.