Богоја Китанчев: во НЛБ Банка Скопје, одржливоста ја ставивме во самиот центар на нашето работење

Во свет кој постојано се менува и реобликува, непоходно е да обезбедиме развој кој е одржлив, континуиран, диверзифициран, брз, постојан, прогресивен, односно „развој што ги задоволува потребите на сегашноста без да ја загрози потребата идните генерации да ги задоволат сопствените потреби“, како што впрочем го дефинира Светската комисија за животна средина и развој на Организацијата на Обединетите нации (ООН) во 1987 година. Водени од ова, во НЛБ Банка Скопје, одржливоста ја ставивме во самиот центар на нашето работење. Како системски значајна банка, сметаме дека сме во позиција навистина да влијаеме врз квалитетот на животот во нашата држава, како и да обезбедиме тој да стане не само попросперитетен, туку и поинклузивен, разновиден, транспарентен и одржлив. Нашата Стратегија ја одразува силната амбиција која ја имаме да ја зајакнеме нашата позиција како финансиска институција што води со пример во управувањето со прашањата поврзани со одржливоста и ESG. Во изминатите години направивме значајни чекори на ова поле.

Од утврдувањето на дефиницијата за одржливиот развој во Организацијата на Обединетите нации во 80те години до денес направено е многу, но нè чекаат уште многу предизвици со кои мора што поскоро да се соочиме и да ги решаваме. Промените се случуваат. Нашите економии стануваат „позелени“, додека таканаречената генерација на милениумци ги менува моделите на потрошувачката и деловната култура, а банкарскиот сектор е оној кој треба да покаже дека ги задоволува променливите потреби и барања на општествената заедница.

Агендата за одржлив развој 2030 усвоена од ООН покрива широк спектар на теми за одржлив развој, како што се сиромаштија, здравство, образование, климатски промени и деградација на животната средина, и истовремено обезбедува заеднички план за мир и просперитет за луѓето и планетата, сега и во иднина. Во нејзината основа се 17-те Цели за одржлив развој (ЦОР), кои претставуваат итен повик за акција од страна на сите земји – развиените, но и оние кои се во развој. ЦОР ја формираат глобалната агенда за развој на нашите општества и им овозможуваат на водечките компании преку деловни активности да помагаат во унапредувањето на одржливиот развој, минимизирајќи ги негативните влијанија и максимизирајќи ги позитивните влијанија врз луѓето и планетата.

Во таа насока, од страна на финансиските институции потребно е вградување на одржливо финансирање во основата на своето работење, организациската структура и апетит за ризик, со што би ги унапредиле и направиле Целите за одржлив развој успешни. Мотивацијата за овие промени произлегува од препознавањето на долгорочното создавање вредности коешто го нудат Целите за одржлив развој, како и влијанието на нивните краткорочни резултати. Како индустрија, мора да ги комбинираме техниките за корпоративно финансирање со експертизата за одржливост за да овозможиме одржливото финансирање да заземе централно место.

Во Парискиот договор за климатските промени се споменуваат три долгорочни цели: Првите две се фокусираат на ублажување и адаптација кон климатските промени, додека со третата се предвидува „сите финансиски текови да бидат конзистентни со насоката кон развој со ниски емисии и отпорност на климатските промени“.

Оваа трета цел ја признава клучната улога што ја играат финансиските институции, вклучително и на банките од приватниот сектор во реализација на Парискиот климатски договор и потребата од постигнување на нето-нулти емисии до средината на векот и намалување на емисиите за 50% до 2030 година. Правилното финансирање е клучно поради единственото влијание што банките и другите финансиски институции го имаат врз другите актери преку нивните инвестиции, кредитирање и советодавни услуги.

Програмата на ООН за животна средина – Финансиска иницијатива (UNEP FI) е партнерство помеѓу ООН и глобалниот финансиски сектор со мисија да промовира одржливо финансирање и да мобилизира финансирање од приватниот сектор за одржлив развој. UNEP FI работи со банки, осигурителни компании, инвеститори и други организации за да помогне во создавањето на финансиски сектор кој им служи на луѓето и на планетата. Со цел да ги инспирира, информира и овозможи финансиските институции да го подобрат квалитетот на животот на луѓето без да го загрозат квалитетот на животот на идните генерации.

Принципите на одговорно банкарство помагаат целите на банките да се усогласат со Целите за одржлив развој на ООН и Парискиот договор за климатски промени. Тие треба да ги охрабрат банките да ја интегрираат одржливоста во сите сегменти од своето работење и да се утврди како најдобро можат да дадат свој придонес во создавањето одржлив свет. Во моментов, над 270 банки кои претставуваат повеќе од 45% од банкарската актива ширум светот, се приклучија кон ова движење за промени и иднина во која банкарската заедница дава позитивен придонес, каков што впрочем очекува општеството – одговорно кон луѓето и планетата.

НЛБ Групацијата, чија членка е НЛБ Банка Скопје, е потписничка на Принципите за одговорно банкарство, со што како институција даваме придонес кон одржливиот развој. НЛБ Банка Скопје е решена дополнително да го подобри своето влијание врз животната средина и општеството и да одржува високи стандарди во корпоративното управување. Затоа, нашата Стратегија ја одразува и силната амбиција која ја имаме да ја зајакнеме нашата позиција како финансиска институција што води со пример во управувањето со прашања поврзани со одржливоста и ESG во нашата земја. Тврдиме дека одржливоста не е само нешто што се става на хартија, туку реална низа на одлуки и активности со кои се стремиме да станеме Банка со важно позитивно влијание врз животната средина. Освен на еколошките прашања, во НЛБ Банка огромно внимание посветуваме и на социјалните и управувачките теми. Се залагаме за еднакви можности, како и за независно и професионално корпоративно управување. Започнавме патување кон одржливо банкарство, кое е долго и многу предизвикувачко, но знаеме каде се движиме и која е нашата цел.

Како Банка во изминатите години направивме значајни чекори. Продолживме да развиваме зелени производи и решенија, го намаливме сопствениот „јаглероден отпечаток“ за повеќе од 60%, го поддржувавме и промовиравме спортот, културата и ги помагаме социјално ранливите категории на граѓани. Ги препознавме не само можностите, туку и нашата одговорност да ѝ помогнеме на економијата и надвор од рамките на банкарството.

Како општествено одговорна компанија која е сензибилизирана за прашањата поврзани со одржливиот развој, во нашето делување и во иднина ќе продолжиме да ги развиваме и да ги опфаќаме сите ESG столбови. Развојот на нашата деловна стратегија за нето-нула емисии и финансирањето на зелената транзиција заедно со постигнувањето на целите за декарбонизација продолжува со забрзано темпо. Истовремено посветуваме големо внимание на внатрешните системи и процесите за заштита и почитување на човековите права, како и на проекти поврзани со зачувувањето на биодиверзитетот. Затоа што само тој начин, можеме да помогнеме во обезбедувањето на одржлива идинина за генерациите кои доаѓаат, но и да бидеме позитивен пример, кој треба да се следи.

 Богоја Китанчев, советник на Управен одбор по област во НЛБ Банка Скопје

Bankarstvo.mk kolumna

Translate »