Извршниот директор на ММФ Де Ланој: Народна банка правилно постапи со одземањето на дозволата на „Еуростандард“
Народната банка е професионална и независна институција. Одземањето на дозволата на „Еуростандард банка“ покажува дека Народната банка е подготвена да преземе навремени корективни супервизорски активности за да се обезбеди целокупната стабилност на финансискиот систем, изјави денеска извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Антони де Ланој, член на Извршниот одбор на ММФ и задолжен за Северна Македонија, на состанокот со тимовите на Народната банка и Министерството за финансии, одржан во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка.
Народната банка во август ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка поради неисполнување на минималните услови за работа. При крајот на август беше отворена стечајна постапка, а од Фондот за осигурување на депозити најавија дека ќе бидат обештетени депозитите.
Искажувајќи поддршка за постапувањето на Народната банка, Де Ланој денеска се осврна и на некои од изјавите и случувањата по затворањето на „Еуростандард банка“.
„Обидите за политизирање на активностите и одлуките на Народната банка се ризик за загрозување на независноста на Народната банка. Меѓународното искуство покажа дека без независност, централните банки се воздржуваат од донесување тешки, но неопходни одлуки, што на крајот ја става во опасност стабилноста на севкупниот финансиски систем и може да доведе до далеку поголеми загуби за општеството отколку кога навремено се преземаат потребните корективни супервизорски активности“, рече Де Ланој.