СИНОТ НА ЕСКОБАР: „Имавме милиони, а не можевме да излеземе на улица за да си купиме нешто за јадење“

Благодарницата на првата страна од книгата на Себастијан Марокин има само една реченица: „За мојот татко, кој ми го покажа патот по кој не смеам да одам“. Тоа веројатно е најголемиот комплимент кој можел да му го испрати на својот татко, пишува „Експрес.хр“.

Себастијан Марокин не молчеше залудно повеќе од две децении, откако во 1993 година е убиен неговиот татко, познатиот колумбиски крал на дрогата кој изгради царство вредно неколку десетици милијарди долари, Пабло Ескобар.

Ескобоар бил многу амбициозен и така станал еден од најбогатите и најмоќните криминалци во историјата, човек кој раководел и практично „држел“ 80 отсто од целиот пазар на кокаин во светот. Само во САД, тој секојдневно криумчарел 15 тони кокаин. Приказните за тоа колку бил богат се на границите со здравиот разум, а една од најпознатите приказни е за тоа дека запалил два милиони долари за да ја згрее својата ќерка на која и било ладно додека биле во бегство.

По смртта на Ескобар, неговото семејство било принудено да ја напушти Колумбија поради сопствената сигурност. Марокин, инаку роден како Хуан Пабло Ескобар тајно живеел во Буенос Аирес, Аргентина, со ново име – Себастијан Марокин. Првите 17 години од животот во анонимност пракитчно се опоравувал од животот со татко му Пабло Ескобар. Денес има 39 години и не му е лесно да се соочи со две работи – љубовта кон татко му, но и омразата кон него поради сѐ што направил.

Колку му овозможувал на своето семејство, толку Ескобар на другите им одземал. Своите најблиски ги опкружувал со невиден луксуз, па го изградил и имиџот на колумбискиот Робин Худ така што им давал пари на сиромашните во Колумбија, особено во својот град Меделин.

Новинар на Си-Ен-Ен разговараше со Марокин, кој за потребите за пишување на книгата се вратил во Колубија за подетално да го истражи животот на неговиот татко.

– Многу лесно можев да станам втора верзија на Пабло, но сфатив што ни донесе таквиот живот. Не бевме слободни, константно се криевме. Имавме милиони, а не можевме да излеземе на улица и да си купиме нешто за јадење – истакна Марокин.

Тој во неговото детство имал сѐ што едно дете може да го посака. Живееле на голема хациенда која имала 27 вештачки езера, базени, три зоолошки градини со егзотични животни, аеродром, сопствена бензинска станица и 1700 вработени. Кога имал само 11 години, Марокин поседувал 30 мотори, 30 скутери на вода и картинг-возила. Две години подоцна добил сопствена куќа со две огромни соби и футуристички бар.

Марокин се сеќава и на нежната страна на неговиот татко кој секоја вечер му пеел пред спиење, а совршената слика за неговиот родител започнала да избледува кога тој ја запознал неговата темна страна. Тоа се случило во 1984 година, кога Ескобар го нарачал убиството на тогашниот колумбиски министер за правда Родриго Лара Бонил, кој започнал агресивна кампања против дрогата и наркокартелите.

Тоа е истата година кога Ескобар го исфрлиле од колумбискиот парламент, што до крај го уништил неговиот сон еден ден да стане претседател на Колумбија. Следните неколку години тој водел крвава војна против владата, така што нарачувал или организирал многу атентати на државни службеници и терористички напади, вклучувајќи го и нападот со бомба над авионот на „Авианка ерлајнс“, кога загинале 110 луѓе.

повеќе на

СИНОТ НА ЕСКОБАР: „Имавме милиони, а не можевме да излеземе на улица за да си купиме нешто за јадење“

Translate »