Со напредокот на технологијата станувам сѐ понезависна-Ема Ананиевска, пијанистка
Оваа година, музичарката Ема
Ананиевска стана првата пијанистка со оштетен вид која дипломирала на
Факултетот за музичка уметност во Скопје. Сепак, луѓето во нашата земја веќе
добро ја познаваат, бидејќи таа со години претставува еден од најмоќните гласови
во повикот за инклузија на лицата со попреченост.
Од неодамна неа може да ја забележите во новогодишната кампања на Македонски
Телеком, со која компанијата го свртува вниманието врз моќта на технологијата искористена за добри цели. Таа се јавува како изведувач на композицијата креирана
специјално за оваа кампања.
Токму тоа, но и последниот нејзин ексклузивен настап на новогодишниот гала-настан на Македонски Телеком, каде во живо ја изведе оваа композиција и предизвика овации кај публиката, беше инспирација за ова интервју, во кое таа говори за нејзиниот живот, желбите и плановите за во иднина, а секако и за начинот на кој технологијата ѝ го променила животот кон подобро. Бидејќи, како што потврдува Ема, технологијата е се присустна во нејзиниот живот, почнувајќи од секојдневните обврски па сѐ до процесот на креирање музика.
1. Како го одбра пијаното? Дали отсекогаш сакаше да бидеш пијанистка?
– Кога се запишував во нижо музичко на тестирањето ме прашаа на кој инструмент сакам да свирам. Тогаш им реков дека сакам да бидам пејачка, а не да свирам на инструмент. Но, сепак на крај се решив да свирам пијано бидејќи ме воодушевуваше звукот што излегува од него.
2. Доколку не беше пијанистка, што беше твоја друга желба?
– Додека студирав на Факултетот за Музичка уметност многу сакав да запишам втор факултет. Изборот секогаш ми беше помеѓу новинарство или психологија, не можев да се одлучам за еден од нив.
3. За среќа, живееме во време исполнето со софистицирани технологии кои ни го менуваат животот и светот околу нас. На некој начин, современите технологии се приспособуваат така што ќе им помогнат на луѓето во повеќе од еден аспект на животот. Како и на кој начин технологијата го промени твојот свет?
– Технологијата ми претставува основна алатка во секојдневниот живот. Благодарение на звучните програми кои ги користам имам пристап до сѐ што ми е потребно од интернет,бездазависам од некојдруг, а тие ми овозможуваат и да можам сама да читам ноти. Кога бев мала сепрашував дали јас ќе можам да користам компјутер и телефон некогаш? Или секогаш ќе мора да барам помош од некој? Но, денес сум сигурна дека со напредокот на технологијата можам да бидам сѐ понезависна на многу полиња.
4. Сѐ почесто гледаме како во Скопје се имплементираат различни технологии во секој аспект од неговото работење. Дали имаш некоја идеја како дигитализацијата на процесите во иднина ќе ни помогне во секојдневните животи? Дали можеби имаш некои желби за решавање на некои проблеми кои ти создаваат потешкотии тебе или на твоите блиски?
– Верувам дека технологијата отвора многу врати за секого. Во моментов најново нешто што мислам дека ќе ми биде од голема помош се специјалните наочари за луѓе што не гледаат, како на пример OrCam. Нивното користење е многу лесно, а претставуваат големо олеснување за луѓето со делумно или целосно оштетен вид. Тие се поврзуваат со апликација на телефон и помагаат во движењето во непознат простор, односно ја опишуваат околината. Сметам дека ваквите технологии се од општа корист, не само за оној кој ги носи, туку и за сите околу него. Технологијата е добра само кога се користи за добро.
5. Велат дека уметноста се креира со цел испраќање порака. Каква порака сакаше да испратиш со оваа композиција? Дали сметаш дека пораката ќе допре до оние кои најмногу треба да ја чујат?
– Пораката што сакам да ја испратам преку музиката e дека луѓето треба да се ценат по она што го работат, без да се потенцира попреченоста, доколку е видлива. Сѐ можете да постигнете ако имате желба за тоа и вистинската поддршка од околината.