МАРСИЈАК ЗА МИА: ПОГРЕШНО Е СФАЌАЊЕТО ДЕКА СО ВЛЕЗОТ ВО ЕУ ЗЕМЈАТА СТАНУВА ПЕРФЕКТНА И ИСЧИСТЕНА ОД КОРУПЦИЈА
Отворањето преговори со Северна Македонија требаше да се случи пред многу години. Ние сега имаме проблем со методологијата на пристапување, и тоа не е за изненадување. Овие одлуки да не се отворат пристапни преговори се „студен туш“, што ни овозможува да согледаме дека нешто погрешно се случува со методологијата на ЕУ и треба да ја промениме, тоа е клучната порака, вели во интервју за МИА Флоран Марсијак, експерт за политиката на проширување на Европската Унија.
– Франција избегнуваше дебати за проширување и беше повеќе фокусирана на продлабочување на Унијата. Во споредба од пред две години и со она што го имаме сега, а тоа е нон-пејперот на Франција, таа стана земја што е многу активно вклучена во овие дискусии кога станува збор за проширувањето и методологијата на пристапување и тоа е високо на листата на приоритети. Би кажал дека тоа е позитивна промена без разлика на содржината. Подобро е да имате чинители што се заинтересирани дури и тогаш кога очигледно го блокираат или го забавуваат процесот, отколку да има земји што се едноставно отсутни, рече Марсијак за МИА.
Во врска со борбата против корупцијата, тој во интервјуто за МИА вели дека тоа е огромен проблем не само во земјава туку и во цел регион.
– Идејата дека земјите од регионот ќе можат да се приклучат кон Европската Унија кога корупцијата ќе исчезне, дека тогаш тие ќе станат „златни“ членки, поттикнува погрешна перцепција дека кога еднаш ќе влезеш во клубот на ЕУ, ти си перфектен. Треба да бидеш подготвен за влез во ЕУ со борба против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото, и тогаш ќе биде во ред, заклучува Марсијак.
Марсијак е експерт за политиката на проширување на ЕУ, Западен Балкан и источната димензија на политиката за соседството на ЕУ. Тој е постар член на Centre international de formation europeenne (CIFE) и заменик-генерален секретар и истражувач во Австро-унгарскиот центар за приближување во Европа, меѓувладина организација со седиште во Виена, која се залага за интеграција на Западниот Балкан во ЕУ и регионална соработка во Источна Европа и Кавказот.
Какви се регионалните импликации од недобивањето датум за преговори со Северна Македонија и Албанија?
Да бидеме искрени, имаше големо разочарување во Северна Македонија и Албанија и во целиот регион. Пристапните преговори не беа отворени. Но тоа во целост не е изненадување. И покрај сите очекувања, имаше и сигнали што беа присутни и минатата година и неизвесност и од страна на ЕУ и би рекол да бидеме уште поискрени ние експертите и граѓанските организации повикувавме на реформи на пристапниот процес долго време. Тоа е сигнал што не е многу позитивен за Северна Македонија, бидејќи земјата го усвои Преспанскиот договор, направи многу напори за тоа и на крајот тоа не беше наградено. Мојата поента е дека методологијата што ЕУ ја применува во последните 15 години е позната по тоа што не носи резултати онака како што треба да носи.
Отворањето преговори со Северна Македонија требаше да се случи пред многу години. Така што ние сега имаме проблем со методологијата на пристапување, и тоа не е за изненадување. Би рекол дека овие одлуки да не се отворат пристапни преговори се „студен туш“, што прави да согледаме дека нешто погрешно се случува со методологијата на ЕУ и треба да ја промениме, така што тоа е клучната порака.
Дали со новата методологија на преговарање што ја предложи Франција преку нон-пејперот до земјите членки има ризик преговорите да траат со децении и влегување во т.н. турско сценарио?
Со францускиот нон-пејпер, се сеќавам пред две години таа беше земјата што не беше заинтересирана за Западен Балкан. Франција избегнуваше дебати за проширување и беше повеќе фокусирана на продлабочување на Унијата. Темата за проширување не беше табу, но не многу посакувана да се отвори за дебата. Франција е важна земја кога се дебатира иднината на Европа. Во споредба од пред две години и со она што го имаме сега, а тоа е нон-пејперот на Франција, таа стана земја што е многу активно вклучена во овие дискусии кога станува збор за проширувањето и методологијата на пристапување и тоа е високо на листата на приоритети. Би кажал дека тоа е позитивна промена без разлика на содржината. Подобро е да имате чинители што се заинтересирани дури и тогаш кога очигледно го блокираат или го забавуваат процесот, отколку да има земји што се едноставно отсутни. Така што би рекол дека е добро тоа што проширувањето и процесот на реформа на пристапување во ЕУ се високо на агендата.
Што се однесува до содржината на документот се надевам дека тоа е придонес за дебати и тој има две насоки. Самиот нон-пејпер не нуди задоволувачки алатки за да се решат постојните проблеми во изминатите реформи. Самиот документ не е базиран на анализите на што се тргнало наопаку. Значи нуди нови алатки или помалку нови алатки што значи дека мора да одиме малку понатаму, а тоа значи дека треба да ги вклучиме земјите од Западен Балкан, владите и граѓанскиот сектор во обликувањето на реформите во овој процес на пристапување, и на тој начин ние ќе се обидеме да најдеме лек за она што досега не функционираше со изминатата методологија. Документот инаку во спротивно носи ризик да ги реплицира реформите со истата методологија што ја имаме сега, правејќи на тој начин нов рецепт со елементи за кои знаеме дека не се доволни за да се поттикне трансформацијата на регионот. Би рекол дека документот е прв придонес, а сега останува на земјите од регионот да дадат аргументи дека тие треба да бидат вклучени во дизајнирање и обликување на методологијата на пристапување.
Од што всушност се плаши Франција во поглед на проширувањето на ЕУ?
Франција во суштина никогаш многу не го поддржуваше и претходното проширување на Унијата и секогаш беше неволна во врска со тоа. Тоа го правеше од различни причини, можеби освен Грција до некое ниво, но никогаш не беше гласен поддржувач на проширувањето. Франција е повеќе загрижена дека со проширувањето на Европската Унија ќе се намали потенцијалот на продлабочување на самата Унија. А Франција е малку носталгична за таква силна, политички и економски интегрирана Унија и затоа се плаши во смисла за визијата за иднината на ЕУ. Тоа не значи дека Французите се во право за тоа. Тоа треба да го ставиме во перспектива за да се објасни зошто проширувањето не се коси со продлабочувањето на ЕУ.
Многу чекори во минатото што доведоа до проширување на ЕУ, исто така за последица го имаа зајакнувањето на продлабочување на Унијата, така што проширувањето создава системска нерамнотежа и одговор на тоа е продлабочувањето на ЕУ. Така што сега предизвикот е, ако сакаме да се соочиме со стравот на Франција е да видиме што Западен Балкан може да придонесе за европскиот проект преку проширување и пристапување во ЕУ, со што ќе придонесе Унијата да биде посилна и да ја продлабочи нејзината интеграција. Каков дисбаланс може да креира на европското семејство, за што одговорот може лежи во продлабочување на ЕУ. Тешко е да се вклучите во овие дебати, за залагањето за проширување се потребни поголеми дебати и поголема ангажираност.
Во однос на регионот, како ја оценувате борбата против корупцијата во Северна Македонија?
Во врска со борбата против корупцијата… Она што го забележувам е дека тоа е многу сложен процес, не само во Северна Македонија туку и во регионот. ЕУ се обидува да ги поддржи антикорупциските планови и гледаме дека луѓето немаат доволно доверба во овие планови. Во регионот 70 проценти од луѓето ги сметаат антикорупциските политики за неефикасни, а 75 отсто од луѓето во регионот веруваат дека администрацијата, политичките партии, царината, правосудството се корумпирани.
За жал, ЕУ нема никакво влијание во врска со тоа, какво што посакува да има. Се прашувам дали построг пристап во оваа област, што е исто така дел од француската методологија и на кој инсистираат Германија и Холандија, дали построг пристап е универзален лек за сè. Идејата дека земјите од регионот ќе можат да се приклучат кон Европската Унија кога корупцијата ќе исчезне, дека тогаш тие ќе станат „златни“ членки, поттикнува погрешна перцепција дека кога еднаш ќе влезеш во клубот на ЕУ, ти си перфектен. Треба да бидеш подготвен за влез во ЕУ со борба против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото, и тогаш ќе биде во ред. Проблемот е во тоа што гледаме дека пристапувањето е само еден чекор, по кој следуваат многу предизвици, вклучувајќи ги и корупцијата и владеењето на правото, човековите права. Тие не исчезнуваат, така што јас не можам да ви дадам одговор што да правите, но ќе кажам дека треба да зборуваме за трансформација не само заради пристапување, туку како да ги подготвиме земјите од регионот не само за пристапување, туку и за постпристапните предизвици што ќе се случат.
Затоа тоа е многу сложено прашање, идеите треба да дојдат од основата. Шаблоните што ги постави ЕУ се видоа дека не се многу ефикасни во изминатите 20 години. Според мене, ако бараме рецепт што функционира во поглед на процесот на пристапување, треба да бараме рецепти заедно како ЕУ и Западен Балкан, со надеж дека Унијата ќе обезбеди рецепт за тоа. Во поглед на борбата против корупцијата, повеќе влог и визија треба да направи самиот регион. Тоа е моето охрабрување за ова прашање.