Јапонија: „Секој прв понеделник во месецот работниците да доаѓаат на работа попладне“
Владата на Јапонија ги замоли компаниите и работодавците да им одобрат на своите вработени слободно утро секој прв понеделник во месецот, пишува „Гардијан“.
Целта на овој потег е да се направи баланс меѓу приватниот и деловниот живот, а познато е дека јапонските работници премногу работат, што им се одразува врз приватниот живот.
„Одличните понеделници“, како што ја нарекоа оваа идеја, би требало да ги намалат очекувањата од јапонските работници, иако треба да се напомене дека досегашните слични експерименти немале позначаен ефект.
(Фото: Pixabay)
Министерството за економија, трговија и индустрија минатиот понеделник ја тестираше оваа идеја овозможувајќи им на третина од вработените да дојдат на работните места по ручекот. Раководните лица велат дека отсуството на стотина вработени во текот на утрото не влијаело негативно врз работата на министерството.
Меѓутоа, останува да се види дали и компаниите ќе ја следат ваквата идеја. Истражувањето што било спроведено по една година откако била покрената слична идеја под наслов „Премиум фрајдеј“ утврдило дека само 11,2% од вработените заминувале порано од работа во петок. Компаниите тогаш се жалеле дека се презафатени при крајот на месецот за да можат на вработените да им дозволат порано да заминат од работното место пред претстојните викенди.
Како што потсетува „Гардијан“, Јапонија е принудена да се спротивстави на сопствената работна култура откако Матсури Такахаши, дваесет и четиригодишна девојка вработена во маркетиншка фирма, извршила самоубиство во 2015 година. Во месеците пред смртта Такахаши одработила повеќе од 100 часа прекувремена работа. Властите ја окарактеризирале смртта како „кароши“ или смрт поради прекумерна прекувремена работа.
Новиот план предвидува можност работниците добро да се наспијат и да дојдат на работа дури попладне секој прв понеделник во месецот.