Нова рунда преговори во Њујорк
Нова рунда преговори за името меѓу македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со посредникот Метју Нимиц, ќе се одржи денеска во Њујорк.
Според најавите на премиерот Зоран Заев, македонската страна останува на ставот за предлогот „Република Илинденска Македонија“, додека Коѕијас во пресрет на денешната нова рунда разговори бара Македонија да покаже прагматизам и реализам за решение.
Коѕијас кажал дека има силна желба за решение, но дека ниту е оптимист, ниту песимист.
Грчката опозиција веднаш го одби предлогот „Република Илинденска Македонија“.
„Република Илинденска Македонија“ е симбол и олицетворение на иредентизмот, сметаат грчките опозициски партии Нова демократија и Демократската коалиција.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас, вчера одговарајќи на критиките упатени од лидерот на опозициската Нова демократија во врска со името „Република Илинденска Македонија“, рече дека Грција преговара врз база на четирите имиња предложени од ОН, конкретно пакетот предлози од Нимиц.