Поголемо искористување на сонцето – како од пасивни потрошувачи до активни
Во Македонија малку се знае за можностите граѓаните активно да се вклучат во енергетскиот систем, не само како корисници туку и како производители без да мораат да регистрираат фирми. Постојат механизми кои со напредокот на обновливите извори на енерија ги вклучуваат и домаќинствата во производството на електрична енергија. Еден од тие механизми е наречен мрежно мерење (net metering) и потекнува од САД, а активно се користи и во ЕУ како мерка за намалување на користење на фосилните горива.
Најпрво е важно да се дефинира што воопшто е мрежното мерење. Во документот Мрежно мерење во Република Македонија, можности, преспективи, примери – како до почиста енергија се наведува дека „мрежното мерење им овозможува на корисниците кои ја произведуваат сопствената електрична енергија да можат неа да ја користат во секое време, а не само кога е генерирана. Ова важи особено за соларната енергија што не може да се користи тогаш кога снабдувачот ќе сака (наизменична/зависи од временските услови). Месечното исплатено мрежно мерење (како пари или како кредити електрична енергија) им овозможува на корисниците во текот на ноќта да ја користат соларната енергија произведена во текот на денот. Годишното мрежно мерење, пак, го преместува нето-киловат кредитот во следниот месец, дозволувајќи им на домаќинствата соларната енергија која, на пример, е произведена во јули и предадена во системот, да можат да ја користат во декември. Слична практика би постоела и кај периодичното мрежно мерење (на пример, на 6 месеци/една година).“ Што значи ова во превод? Доколку едно домаќинство кое живее во куќа инсталира на својот покрив фотоволтаичен систем (соларни панели) кој произведува електрична енергија која домаќинството во моментот не ја користи туку ја „враќа“ во системот на кој е поврзано, ќе има бенефиции од тоа во вид на исплатени парични средства (како што е примерот со САД) или пак во вид на кредити – киловат часови кои може да ги искористи кога ќе посака од системот (како што е примерот со ЕУ).
Сликата објаснува како тоа изгледа во реалност. Во првиот чекор, соларните панели ги претвораат сончевите зраци во електрична енергија. Потоа, во вториот чекор е инвертерот кој електричната енергија од еднонасочна ја конвертира во наизменична струја за употреба во домот или фирмата, но и ја мери произведената електрична енергија од фотоволтаикот. Во третиот чекор е користењето на струјата во домот или фирмата, а во четвртиот чекор, преку двонасочно броило се мери струјата што се зема од системот и таа што ја произвело домаќинството, при што вишокот се враќа во дистрибутивната мрежа. На крајот, во зависност од законската регулатива што постои во државата, домаќинството ќе добие или пари или кредити за предадената струја.
Слика 1Извор: Florida Power & Light, https://www.fpl.com/
Како најчесто функционира мрежното мерење во ЕУ
Општо е познато колку ЕУ работи на промовирање на обновливите извори на енергија (ОИЕ) како замена за фосилните горива со цел намалување на емисиите и тоа до 50 отсто во 2030 година и до скоро 90 проценти во 2050 година! Овие заложби на ЕУ нема да се остварат ако сите, вклучувајќи ги и граѓаните, не се вклучат активно во борбата против климатските промени. Колку за пример, во студијата Компаративна анализа: работни места во термоелектрани наспроти работни места во сектори со обновливи извори и енергетска ефикасност во Македонија, се наведува дека според Еуростат, примарното производство на ОИЕ во рамките на ЕУ-28 во 2013 беше 192 милиони тое — удел од 24,3 проценти во тоталното примарно производство од сите извори. На прв поглед ова може изгледа многу малку, но кога ќе се види дека количината на ОИЕ произведена во рамките на ЕУ-28 од 2003 до 2013 година, што значи за период од една декада, пораснала за 84,4 проценти, што е еднакво на годишен раст просечен од 6,3 отсто, напредокот е ништо помалку од фантастичен. Во 2015 година, вкупното примарно производство од сончева енергија во ЕУ-28 изнесувало околу 7672 ктое (ЕУРОСТАТ). Македонија споредена со повеќето земји од ЕУ е на многу ниско ниво на производство од сончевата енергија (само 1.715 ктое), па така дури и земји како Данска кои се сосем на северот на Европа имаат поголемо производство на електрична енергија од сонце во споредба со јужноевропската Македонија.
Земјите од ЕУ имаат различни законски решенија за регулирање на мрежното мерење. Најчесто не е проблем предавањето на електричната енергија или нејзиното користење особено ако секоја година или месец има нула разлика помеѓу искористените и предадените киловат часови. Но, тоа е ретко од најразлични причини, било да се работи за периоди кога има сонце, или кога луѓето се дома итн. Секоја земја од ЕУ на различен начин го уредува мрежното мерење, во согласност со ЕУ легислативата, но и условите во земјата, како и можностите кои ОИЕ ги нудат.
Така на пример, во Холандија, мрежното мерење се однесува на клиенти кои во исто време произведуваат електрична енергија, а се поврзани на мрежата преку поврзување со вредност на проток на електрична енергја помал или еднаков на 3*80A (ампери). Клиентите треба да аплицираат за понуда од одговорниот мрежен оператор за предавање на електричната енергија во мрежата и треба да платат надоместок за користење на мрежата. Малите клиенти плаќаат давачки само за користењето на електричната енергија од системот т.е. само за нето-потрошувачката на електрична енергија, дефинирана како разлика помеѓу електричната енергија добиена од и предадена на мрежата. Значи, во Холандија и домаќинствата можат да учествуваат на пазарот на електрична енергија, при што секој кој произведува струја од сонце, ветер, биогас, хидро, геотрмални извори и биомаса може да аплицира за мрежно мерење.
Во нашиот регион, пак, Словенија е првата земја што го има воведено мрежното мерење. Тоа таму функционира на следниов начин: со уредбата за домашно производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, на сопствениците на ваквите системи на крајот од календарската година им се пресметува користењето на електрична енергија на начин кој ги зема предвид разликата помеѓу преземената и предадената електрична енергија во и од системот. Поставувањето и поврзувањето на ваквиот систем на внатрешната инсталација со низок напон во зградата е првенствено наменето за покривање на потребите од електрична енергија на домаќинствата/малите комерцијални клиенти (МКК) на годишна основа, а не за производство на вишок енергија која ќе се нуди на продажба. Во случај кога преземената електрична енергија е поголема од предадената (што значи дека домаќинството/МКК не ги покрива сите потреби), сопственикот на уредот го купува дефицитот/разликата во енергијата. Во случај кога произведува повеќе енергија отколку претходно (потрошувачката на домаќинствата/МКК е помала од износот на произведената електрична енергија), вишокот на таа електрична енергија му се дава на снабдувачот со електрична енергија (услуга). Бидејќи нема продажба на електрична енергија, исто така, нема потреба од регистрација на физички лица за деловни цели, затоа што во случај на самоснабдување тие не се вклучуваат во профитна дејност. Во овој случај уште еднаш е важно да се напомене дека снабдувачот не исплаќа никакви парични средства на домаќинството туку само му „дава“ кредити киловат часови на располагање за кога домаќинството ќе користи електрична енергија од системот.
Каде е Македонија? Пречки и бенефити од овозможувањето на мрежното мерење
Македонија, за жал, во моментов нема опција со која домаќинствата активно би се вклучиле во енергетскиот систем. Кај нас функционираат само повластените тарифи за компании кои имаат соларни централи и кои со одобрување од Регулаторната комисија за енергетика се овластени произведувачи на електрична енергија од сонце. Меѓутоа, и во овој случај производството споредено со повеќето земји од ЕУ е сосем занемарливо и оскудно. Законот не дозволува домаќинствата (како физички лица) да се вклучат во системот освен како пасивни потрошувачи. И покрај можностите кои ги нуди сончевата енергија, над 250 сончеви дена во годината, овој ресурс е доста слабо искористен иако производството се зголемува од година во година, со што само се докажува неговиот потенцијал. Така, според енергетските биланси кои ги објавува Државниот завод за статистика, електричната енергија од сонце за само три години е зголемена од 1.173 GWh во 2012 година вкупно примарно производство на 22.599 GWh во 2015 година. Секако, овие гигават часови би се зголемиле со директно вклучување на домаќинствата во производството на електрична енергија, но за тоа најпрво се потребни измени во Законот за енергетика. За разлика од сончевата енергија, производството на електрична енергија од термоцентралите значително опаѓа низ годините. Така, од 4920 GWh произведени во 2012 година, во 2015 година се паднати на 3434 GWh. Ова е уште еден показател зошто ваквата мерка е потребна за Македонија.
Покрај немањето законско решение, како најголема пречка во моментов е цената на фотоволтаиците (соларните панели) и куповната моќ на населението во Македонија. За едно домаќинство да може да произведува електрична енергија и таа да ја предава во системот ќе треба да инвестира од 10.000 до 30.000 евра во зависност од капацитетот кој сака да го постави. Овие суми се сепак преголеми за мнозинството домаќинства. Поради тоа, државата мора да го поттикне користењето на сончевата енергија кај домаќинствата со субвенции или на уредите или на двонасочните броила. Исто така, ваквата инвестиција не се исплати при моментална состојба на регулирани цени на пазарот на електрична енергија. Но, кога Македонија ќе го отвори пазарот за сите потрошувачи, што според најавите мора да се случи што поскоро и пред 2020 година бидејќи веќе бесправно го одложи во 2015 година, и кога цените ќе станат поконкуретни, ваквата мерка ќе им помогне и на домаќинствата да си ги намалат трошоците и на системот да ја балансира мрежата.
Оттука, користа од ваквата мерка е огромна, иако треба да се внимава на тоа како ќе се регулира за да се заштити мрежата од преголем напон и да се заштитат потрошувачите кои не ја користат оваа мерка при наплатата, како и да се уредат даночните плаќања на потрошувачите, како ДДВ. На пример, истражувањата во САД покажаа дека економските придобивки од мрежното мерење всушност ги надминуваат трошоците и не наметнуваат значителен пораст на трошоците за клиенти кои немаат ваков систем. Далеку од нето трошоци, мрежното мерење во најголем број случаи е нето корист – за мрежата и за „несоларните“ даночни обврзници. Понатаму, соларната енергија креира значителна јавна корист, бидејќи ги намалува цените на електричната енергија поради редистрибуцијата на поскапите извори на енергија, го намалува загадувањето на воздухот и климата, ги намалува трошоците за мрежата, ја намалува потребата за изградба на повеќе електрични централи за да се задоволи побарувачката во пиковите, се стабилизираат цените и ја промовира енергетската безбедност. Овие избегнати трошоци претставуваат нето корист за даночните обврзници кои не се корисници на сончевата енергија.
За мрежното мерење не се потребни огромни инвестиции од државата
Во моментов, во Македоиија се подготвува нов закон за енергетика кој треба да биде усогласен со ЕУ директивите, поточно да го инкорпорира третиот енергетски пакет во македонското законодавство на оваа тема (ЕУ законодавство проврзано со регулирање на различни дејности во секторот енергетика). Мрежното мерење е едноставна мерка за која не се потребни огромни инвестиции од државата (како споредба само едно модернизирање на РЕ Осломеј би чинело 150 милиони евра) ниту пак странски финансиери. Оттука, ова е вистинското време донесувачите на одлуки во ова поле да го вметнат мрежното мрење во македонското енергетско законодавство и граѓаните како пасивни корисници на енергетските услуги кои малку разбираат од каде доаѓа нивната струја и зошто чини толку, да ги „претвори“ во активни учесници во енергетскиот систем. Потенцијалот за придонес што го имаат е голем и шансата мора да се искористи.
м-р Соња Ристеска
Превземено од ResPublica