Како македонската Моника Маковеј од симбол на правдата стана „случај“ во афера за милионски рекет

loading...

Специјална обвинителка на Северна Македонија Катица Јанева, од персонификација на борбата против деценискиот режим на Никола Груевски изразена во крикот „нема правда нема мир“, преку еден буквално неверојатен сплет на случувања, се трансформираше во предмет на јавен линч и потсмев исполнет со повици за нејзино апсење и безброј шпекулации и дезинформации околу целиот случај.

Јавноста, сè уште во шок од скандалот со објавените снимени разговори меѓу премиерот Зоран Заев и руските измамници кои му се претставиле како поранешниот претседател на Украина Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг (што патем во моментов изгледа целосно исчезна од јавниот дискурс), изминатата седмица се соочи со драстично понепријатни вести насочени кон она што некогаш беше институцијата во која граѓаните имаа рекордно највисока доверба – Специјалното јавно обвинителство, или популарното СЈО.

Серијата случувања започна уште во понеделникот наутро, кога неочекувано премиерот Заев најави прес конференција. Тој ги повика лидерите на најголемите политички партии во петок во 14 часот да седнат на разговор во Клубот на пратеници, како што тоа редовно го правеа за време на политичката криза во 2016 година, од што и произлезе СЈО како институција. Овој пат, тој најави дека ќе се зборува токму за статусот на СЈО чие решавање е и еден од предизвиците исправени пред македонската држава како услов за добивање датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија оваа есен. Заев исто така, предложи на лидерската средба да се разговара и за изборниот модел, но не за предвремени избори, и за долго-очекуваниот попис на населението во земјата. Три клучни прашања.

Скоро истовремено со прес-конференцијата на премиерот, на веб-страницата на Специјалното обвинителство се појави информација дека Катица Јанева поднесува оставка од функцијата Специјален обвинител потенцирајќи дека таа ќе „стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник“. Оттогаш наваму Јанева не изрази ниту еднаш каква било јавна реакција, иако нејзиното име и СЈО се сеприсутни во медиумите.

Рекетари и бизнисмени, сведоци и обвинети

Петнаесетина минути по оставката на Специјалната обвинителка дел од медиумите објавија бомбастична вест дека на еден од граничните премини од слобода е лишен Бојан Јовановски, попознат како „Боки 13“ кој е неформален сопственик на 1ТВ, национална телевизија која постои нешто повеќе од една година. По налог на македонското Основно јавно обвинителство (ОЈО) за гонење на организиран криминал и корупција тој бил задржан на информативен разговор.

Веднаш потоа најавена беше уште една прес-конференција, овој пат на обвинителката од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска заедно со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Тие изнесоа детали за причините за задржувањето на Јовановски, односно дека против него се води истрага наречена „Рекет“ во која тој е осомничен за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари. Имено, обвинителството за организиран криминал се сомнева дека „Боки 13“ заедно со извесен Зоран Милевски, попознат во македонското подземје како „Зоки Кичеец“, тргувал со влијание или изнудувал пари од познат бизнисмен а за возврат нудел влијание кај одреден обвинител кој водел истрага против бизнисменот.

„Прво-осомничениот искористувајќи го своето влијание врз јавен обвинител, влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка“, посочија Рускоска и Јовески. За оваа услуга, според ОЈО, осомничениот „Боки 13“ и неговиот соучесник, до моментот на нивното лишување од слободна, од бизнисменот добиле 1,5 милиони евра.

Двајцата јавни обвинители не сакаа да откријат кој е јавниот обвинител кај кого „Боки 13“ ветувал влијание ниту кој е бизнисменот кој бил „рекетиран“. Но медиумите веднаш почнаа да шпекулираат со името на Катица Јанева бидејќи нејзиниот син бил вработен во телевизијата каде „Боки 13“ е неформален сопственик, односно формално правно како сопственик на телевизијата се води компанија формирана од страна на неговиот татко. Идентитетот на вмешаниот бизнисмен, кој е обвинет во случај на СЈО а сведок во случајот на ОЈО, медиумите го откриваат во Јордан Камчев, сопственик на повеќе големи бизниси во земјата и поранешен близок соработник на Сашо Мијалков екс-директор на Управата за безбедност и контра-разузнавање, инаку братучед на осудениот бегалец од правдата Никола Груевски кој во моментов ужива азил во Будимпешта, Унгарија.

Вечерта по обелодувањето на случајот „Рекет“, откако била сослушани обвинетите „Боки13“ и „Кичеец“, ОЈО објави дека за двајцата е одреден притвор од 30 дена.

Но, ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција објави и јавна реакција по напливот на дезинформации велејќи дека „најостро ги осудува написите што се појавија во дел од медиумите кои, повикувајќи се на извори од обвинителството, шират шпекулации за наводно проширување на истрагата“. Медиумите, веќе на големо шпекулираа, цитирајќи анонимни извори дека е вршен претрес во домот на Катица Јанева и истрагата е проширена.

Јавен линч за специјалната обвинителка

Следните денови следуваа јавни повици за приведување на Катица Јанева, стотици написи за тоа какви чанти биле одземени при претресот во домот на Јовановски, но и илјадници постови на социјалните мрежи за оцрнување на СЈО.

Останатите обвинители во Специјалното обвинителство, по барање на новинарите, се појавија пред јавноста во обид да го зачуваат интегритетот на институцијата и побараа побрзо расчистување на случајот „Рекет“, но и почитување на презумпцијата на невиност.

Сè погласни се реакциите на експертската јавност дека иако евентуалната вмешаност на Катица Јанева во случајот „Рекет“ нема да предизвика прекинување на предметите на Специјалното јавно обвинителство, сепак може да предизвика застои и одложувања, што, пак, може да доведе до застарување кај некои од предметите и ослободување на осомничените.

Еден од овие случаи е и токму случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство во кој Камчев, Мијалков и десетина други се осомничени за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.

Адвокатот Еленко Миланов, кој е правен застапник на повеќемина од осомничените во случаите на СЈО (голем дел од нив се, или биле дел од раководството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ) јавно реагираше велејќи дека „Империја“ е пропадната предмет. Но, обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова која го води овој предмет децидно одговори дека прибрани се цврсти докази и работата на случајот продолжува. Со таа разлика што сега еден од осомничените во оваа истрага е сега сведок и оштетен во случајот „Рекет“.

Како последно изненадување во јавноста се појави информацијата дека всушност токму премиерот Заев бил оној што прв го пријавил случајот „Рекет“ во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Претставниците на сегашната власт, всушност, случајот „Рекет“ го претставуваат како пример на владеењето на правото и спроведување на правдата.

Неизбежен е заклучокот дека станува збор за моќни игри во кои првата жртва може да биде токму правдата, на која се надеваа македонските граѓани јасно изразувајќи ја довербата во Специјалното јавно обвинителство како врвна институција за која не требаше да има недопирливи. Во моментов изгледа дека не постои политичар во Северна Македонија на кого не му одговара згаснувањето на СЈО.

Meta.mk

Translate »