(Архива) Градењето бизнис од нула не е лесно, посебно за жена
Беше вистински предизвик, ни најмалку лесно да се започне онлајн бизнис, првиот веб сајт за групни попусти во Македонија, во време кога практично и не постоеше е-трговија во Македонија, вели Нина Ангеловска од Grouper.mk
Таа е генерален менаџер и коосновач на Grouper.mk, првиот македонски веб-сајт за групни попусти, кој предизвика „револуција“ во онлајн-купувањето во Македонија. Grouper.mk постои од 2011. Година. Ангеловска е ставена на листата на 100 успешни жени основачи на стартапи во Европа, составена од еминентниот германски магазин The Hundert, а која потоа ја сподели и Forbes.
„Беше вистински предизвик, не беше ни најмалку лесно да се започне онлајн бизнис, првиот веб сајт за групни попусти во Македонија во време кога практично и не постоеше е трговија во Македонија. Помалку од 1% од населението купуваше онлајн, платежните картички не се користеа….Еве, по 6 години влијаевме значајно на раздвижување на пазарот на е трговија, веќе се забележува подем и развој“, вели Ангеловска.
Родовата нееднаквост е сѐуште сериозен проблем
„Знаеме дека постои родова нееднаквост, помала застапеност на жените на поголемите менаџерски позиции, тоа претставува загуба пред сѐ за економијата бидејќи жените имаат неискористен потенцијал. Потребна е способност за брзо одлучување, решителност, многу напорна работа, добар тим за да се совладаат тие предизвици, многу знаење, постојано секојдневно учење. Самите компании се тие кои што ги примаат менаџерите и кои што треба да имаат повеќе застапеност на жени. Секако потребни се и закони, Данска е една од примерите кои има закони за тоа да се надмине. Има многу креативни решенија, само треба да се има волја и да се работи напорно на случајот“, истакнува Ангеловска.