Мицкоски е нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а Груевски почесен претседател
Христијан Мицкоски, единствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, попладнето беше избран за нов партиски лидер на 16. вонреден Конгрес на партијата. Од вкупно 544 делегати на Конгресот вчера пристигнаа 411, но денеска нивниот број се зголемил на 438. Од нив десет воопшто не гласале. Од оние што гласале (428), за Мицкоски се изјасниле 376, а 52 ливчиња биле неважечки.
„Свесен сум во каква атмофера поминува овој Конгрес, со шпекулации и наметнати теми, но таква е состојбата и со политиката. Од денеска па натаму ќе се потрудам политиката да биде поинаква. Свесен сум за сите сомнежи во мене кои донекаде се оправдани затоа што не сум носел крупни државни одлуки“, рече Мицкоски.
До пред конгресот Мицкоски ја обавуваше функцијата генерален секретар на партијата, на која беше до 30 јули годинава. За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ тој беше претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ и професор на Машинскиот факултет при УКИМ.
Досегашниот лидер Никола Груевски доби плакета за почесен претседател на партијата.