Магичната Куба! Најдобриот рум, прекрасни плажи, бесплатно здравство: Местото каде што времето запрело
Куба е толку многу егзотична што поегзотична не може да биде. Топлите Кариби, жешкиот латински ритам, најмала стапка на криминал на светот, најдобра медицина на светот, престари автомобили кои сè уште се во функција, рум, цигари, плажи… Тоа мора да се види.
Без никаква желба да биде тоа, Куба станала една од најголемите експерименти во историјата. Државата која со години е во изолација успеала да го одржи високиот степен на образование, бесплатно здравство и ведар дух. За возврат изгубила многу удобности од модерниот свет. Денес сепак таа нуди многу восхит иако некои сакаат да ја претстават како “социјалистичко страшило“.
Можеби фасадите се оштетени, а автомобилите стари, но зградите сè уште не се рушат, а сообраќајот се движи. Во случај да стопирате не мојте да се чудите доколку ви застане некој кубански функционер. Законот таму налага дека сите владини автомобили треба да застанат на стопери. Под сцената на сиромаштија има еден живот кој е исполнет со веселба и пред сè нималку сиромашен. Кубанците не ја развиле потрошувачката свест, потребите ги свеле на минимум, а уживањето на максимум.
Доколку сакате да го запознаете овој живот тогаш навечер прошетајте по шеталиштето Малекон кое се наоѓа покрај морето. Таму воглавно се собираат млади луѓе кои пеат, играат, се дружат и пијат рум. Салсата е задолжителна за Куба, а доколку не знаете да играте салса немојте да се грижите некој ќе ве научи на тоа. Доколку ве мачи таа тема некои од одличните коктели на база на рум тоа брзо ќе го средат.
Доколку таму се изгубите тогаш немојте да се грижите бидејќи таму жителите освен шпански зборуваат и англиски јазик. Воопшто, Куба има најголем процент на писмено население.