Економски раст не е можен без владеење на правото, порачаа
денеска учесниците на форумот што го организираше Стопанската комора на
Македонија.
Укажаа
и дека институциите се социјалната инфраструктура која го влече
општеството напред. Мора да бидат ефикасни и да функционираат за и
останатите чинители (работна сила, капитал, технологија) да дадат
резултат.
„Бизнисот има потреба од доверба, сигурност и правен континуитет. За
да обезбедиме економски раст, сфативме дека мора да се занимаваме со
теми како оваа денеска. Владеење на правото не е неопходно само за раст
на економијата, туку и за државата воопшто“, истакна претседателот на
Комората, Бранко Азески.
Бизнис заедницата смета дека деловното опкружување во земјава се уште не е на задоволително ниво.
„Постојните проблеми (сивата економија, корупцијата, нееднаквите
правила на игра, бавната администрација и уште побавните судски
постапки) не се од вчера, туку се натрупани подолг период. Ако кон нив
се надополнат и проблемите актуелни деновиве, поврзани со неефикасноста и
несоодветното постапување на органите во правосудстсвото, тогаш
несомнено проблемот со владеење на правото е нешто што треба да се
третира особено сериозно ако сакаме да создадеме услови кои ќе овозможат
непречено функционирање на државата“, рече Милевска Штрбевска и додаде
дека за владеење на правото потребна е стабилна политичка, правна и
социјална култура.
Според неа, најмалку владеење на правото има во делот на службените
овластувања и положби кои се злоупотребуваат, а највеќе, што е, оцени,
зачудувачки, во делот на правната сигурност и еднаквоста пред законот.
-Тоа е така зашто државата го има уредено на хартија. Сепак, недостига
имплементација, истакна Милевска Штрбевска.
Веројатно, дополни, носителите на државната власт, во обид да се
справат со корупцијата и организираниот криминал, многу повеќе
посветуваат внимание на апсење криминални групи и на донесување
регулатива, а многу помалку на превентивно делување и спречување на овие
појави.
„На бизност му требаат стабилно и предвидливо деловно опкружување,
ефикасни институции и независно судство, но секако е неопходно и
бизнисот да ги почитува правилата и нултата корупција. Бизнисот треба да
учествува во донесувањето на законите, заедно со власта и Парламентот,
за да се инкорпорираат неговите интереси и потреби“, рече
евроамбасадорот Самуел Жбогар и уште еднаш укажа на потребата да се
подигне гласот за секој да ја почитува својата улога во општеството, а
политиката да се тргне од судството.
За значењето на институциите и нивната ефикасност, зборуваше
потпрестедателот на Стопанската комора, Глигор Бишев. -Јака држава и
силна економија се можни само со јаки и ефикасни институции кои треба да
обезбедат транспарентност, доверливост, сигурност. На ова мора уште да
се работи, порача Бишев.