Уште една фирма, поврзана со фирмите околу Боки 13 под лупа на УЈП
Веќе е познато дека под лупа се Меѓународниот сојуз, каде претседател е Бојан Јовановски, кому изминатиот петок во Шутка, му беше доставен налог за контрола, како и 1ТВ и БМЈ Медиа Груп, каде во својство на сопственици се јавуваат таткото на Боки, Миле Јовановски, но и Јасна Мандиќ.
Лукаревска во вчерашното гостување на ТВ21, нагласи дека постојат индиции, врз основа на кои контролата ќе се шири и за други правни лица.
Таа истакна дека УЈП е во постојана координација и со Обвинителството за организиран криминал на Вилма Рускоска, која го води случајот „Рекет“.
Според Лукаревска, засега фирмите соработуваат и не наишле на отпор при истрагата.
Претходно УЈП најави дека ќе ги истражува даноците, како на правните, така и на физички лица поврзани со Боки 13.
Контролата на УЈП сепак нема да оди во насока на потрага на милионот евра и ќе се задржи единствено на можноста за даночни затајувања, а ако такво нешто биде утврдено и кај физички лица, од Управата не ја исклучуваат можноста да истражуваат и потекло на имот.