Марија (30) од Велес: „На 8 години бев жртва на сексуално насилство од член на моето пошироко семејство“

„Живеевме во куќа на три ката, со секој кат поделен на одредено семејство. Мојата доверба беше ‘купена’ со кукли, со играчки, со сè кое можеше да ме направи мене како дете среќна. А потоа за возврат добивав нешто кое не ми беше јасно. Од мои 8 години до кај 11 години бев сексуално злоставувана од член на моето пошироко семејство и сега сакам да говорам јавно за и другите жртви да знаат дека не се сами…“, раскажува Марија (30) од Велес за CRNOBELO.com.

Јас, Кирил Ангелов, откако во интервју за CRNOBELO.com ја раскажав својата приказна дека бев сексуално злоставуван како дете, сакам да направам да биде чуен гласот и на други личности во слична ситуација како мојата или пак сосема различна, но ситуација која им причинува болка и за која молчат. Токму затоа, овојпат разговарам со моја сограѓанка од Велес која исто така била жртва на сексуално злоставување како дете.

Марија (30) од Велес за CRNOBELO.com ја раскажува својата приказна и секоја чест за храброста која ја собра за да може да ја подигне свеста кај народот, за едно подобро утре на сите жртви, но и нивните најблиски.

Таа е една од многуте возрасни лица во нашата држава кои како деца биле сексуално злоставувани. Сака нејзината порака да се рашири насекаде, за да може системот да направи некакви конкретни чекори за овие жртви и за нивните злоставувачи, а воедно и да им прнесе на жртвите дека не се сами.

Таа за CRNOBELO.com ја пренесува својата приказна:

Што те поттикна да си ја отвориш душата и да ни ја раскажеш својата животна приказна?

Најпрво сакам да ви се заблагодарам за оваа можност, за да можам да ја раскажам мојата животна приказна. Вие можеби сте единствениот портал кој ни дава глас на нас помалите, за да можеме да ја раскажеме својата болка и своето искуство, со цел да им помогнеме на оние кои уште не ја нашле својата храброст. И поради тоа сум ви многу благодарна.

Поттикната и мотивирана бев што многу млади луѓе почнуваат да раскажуваат за своето минато. Најмногу кога видов дека ти Кирил Ангелов, како мој сограѓанин си ја имал истата судбина. Бев во шок кога го видов на CRNOBELO.com интервјуто со тебе.

Ми олесна дека не сум сама низ сето ова. Собрав храброст и решив да го покренам и мојот глас. За да може да се развие свеста кај народот, да се преземе нешто, да има некое поместување нанапред.

Може ли на почеток да ни кажеш нешто за себе?

Се викам Марија и имам 30 години. Можеби на луѓето што ќе го читаат ова ќе им биде нејасно зошто сум решила го направам ова анонимно и без мои лични фотографии, но мислам дека сега за сега, до тука е мојата храброст.

Другата причина е секако дека сексуалното злоставување се случи од член на моето семејство, па мислам дека иако тој повеќе не е помеѓу живите, не би ставала толку голема дамка на сите мои ближни. Тоа е само затоа што луѓето се злобни, сакаат да озборуваат и да повредуваат. И да ја искористат таа болка против тебе.

Впрочем тоа е и главната причина зошто не сакав и не можев уште претходно да ја раскажам оваа моја приказна. Бидејќи како генерација сме научени да ќутиме, да не зборуваме, бидејќи е голем срам, и го унаказува целото наше постоење.

Целосно се согласувам со тебе Марија… И јас кога го имав моето интервју на оваа тема, се чувствував потиснат од тоа што народот би рекол. Но да, ова е еден голем пат, за кој треба време да биде изоден. И тој што не поминал низ него, тешко дека ќе разбере, зарем не?

Така е. Јас можеби пред една година немаше да се согласам да го направам ни ова анонимно интервју, а можеби една година од сега ќе можам да го направам со сопствени фотографии, и да немам страв од тоа што би рекле останатите.

Треба да се пристапува кон оваа тема многу чувствително. Претпоставувам како и ти, јас почнав да читам безброј книги на оваа тема, да гледам документарци кои ти ми ги предложи, да слушам подкасти. И тоа ми помогна премногу. Но дури и сега гледам луѓето брзаат да си оформат сопствен заклучок, бидејќи во оваа држава, се чини дека сите сакаат да бидат експерти за сè.

Anonimno-intervju-so-devojka-od-Veles-zhrtva-na-detsko-seksualno-nasilstvo-Pottiknata-od-site-shto-go-krevaat-glasot-reshiv-da-ja-raskazham-mojata-prikazna-povekje-02.jpg

Кои ти се првите сеќавања за сексуалното злоставување? Како се случи? Спомена дека станува збор за член од семејството…

Да, моето сексуално злоставување се случи од еден член на нашето семејство. Ние бевме (а и уште сме) голема фамилија. Живеевме во куќа на три ката, со секој кат поделен на одредено семејство. И исто како и кај тебе, тука техниката на груминг играше огромна улога, односно оформување на детската психа, да поверува детето дека што му се нуди е правилно, дека не е противприродно, дека е нешто сосем нормално.

Мојата доверба беше „купена“ со кукли, со играчки, со сенешто кое можеше да ме направи мене среќна како дете. А потоа за возврат добивав нешто кое не ми беше јасно. Не ми беше јасно што ми се случува, и зошто тоа ми се случува.

Сексуалното злоставување кај мене траеше неколку години. Од мои 8 години до кај 11. И тогаш ненадејно злоставувачот почина. Некаде длабоко во себе знаев дека не е добро тоа што ми го правеше, но не знаев како да го објаснам, не знаев како да го искажам. Не знаев кому да кажам.

Се плашев (и сè уште се плашам) да кажам на поширокото мое познанство, баш поради тоа, дека луѓето ќе го вперат прстот во мене. А кое дете би можело да е виновно за нешто вакво?

Дали успеа да се отвориш пред некој? Пред членови на твоето потесно семејство, за и тие да дознаат?

Да, моите родители знаат за ова, моите браќа, а и моите најдобри пријатели и пријателки. Ја имам нивната целосна поддршка низ патот по кој решив да одам.

Уште се во шок за тоа што се случило, бидејќи тоа беше толку скришно од страна на злоставувачот, што е вистинска уметност. Секако, и во шок се од тоа што член на поголемото семејство ми направил нешто такво.

А јас почнав да чувствувам потреба и некој порив да си ја отворам душата, и да раскажам за сето ова, само со цел да помогнам на другите.

Кое е сега твоето мислење за ова што ти се случи? Кои ти се чувствата кон злоставувачот?

Многу често се прашувам што би било ако не се случело тоа. Тоа го разговарав и со тебе на неколку наврати. Тоа е чувство кое сите ние кои сме биле сексуално злоставувани како деца, го делиме.

Каков би ми бил живот без трауми? Дали сега би била некаде надвор од земјава, или пак тука, но со академски достигнувања како што сум сакала? Чуден е животот. Мораме да се научиме како да не живееме во минатото и во „што ако“, но да продолжиме напред.

А во однос на злоставувачот? Немам конкретни чувства. Имаше период кога си го признавав себеси ова што ми се случило, да чувствував голема омраза кон него, гадење, да, мило ми е што е мртов. Но, сфатив потоа дека ништо нема да достигнам ако ги имам тие лоши чувства, ако ги чувам во себе.

Уште немам достигнато степен на простување, но мислам дека мојот пат е уште на почеток.

Да, впрочем и јас ги чувствував истите тие чувства на омраза. Дури и ми беше криво што мојот злоставувач е мртов, што не можев да му се одмаздам некако. Но, знам дека тоа само ќе ја направеше цела ситуација уште полоша. Се согласуваш ли?

Затоа тука имаме избор. Или ќе се поставиме како нив, и пристапиме кон сето ова со злоба или не. Животот е премногу краток за да се водат војни со луѓе кои не се со нас повеќе. Има кој нив да им суди.

Но, ние за да можеме да се ослободиме, треба да продолжиме понатаму. Да продолжиме со цел да ја раскажеме нашата приказна, да помогнеме на некое друго дете, да се обидеме и да спречиме некое следно сексуално злоставување.

Како се справуваше со ова низ годините? Секоја траума остава некаков траг. Кај мене тоа се манифестираше на многу различни начини. Како се манифестираше кај тебе?

Кај мене се манифестираше со панични напади и со напади на анксиозност. Со тоа што имав многу шанси да заминам од Македонија и да се доусовршам академски, но немав храброст.

Се плашев од иднината, од луѓето. Кај мене сето тоа се манифестираше со страв да започнам нешто ново.

Можеби и затоа многу години тренирам боречки вештини. Некоја потреба да се одбранам физички, ако дојде до тоа повторно. Нешто потсвесно во мене кое ме тера да бидам силна, истрајна, и да научам како да се одбранам себеси, а и другите. Планинарам, шетам низ природа, со надеж дека тоа ќе ми помогне. И навистина ми помага. 

Некои луѓе кои поминале низ истово, завршуваат многу полошо од мене и тебе. Се дрогираат, пијат, својата болка ја задушуваат на тој начин, со многу лоши постапки. Но, кои сме ние да ги осудиме за тоа? Затоа пред да осуди кој било, треба да се запрашаме каква е позадината на сето тоа. Треба да има систем кој ќе им помогне на тие луѓе, општество во кое ќе имаат доверба, народ кој не треба да осудува.

Неколкупати споменавме како општеството да биде со широко отворени раце кон жртвите на сексуално насилство. Каква мислиш дека е ситуацијата денес?

Го делам истото мислење како и тебе. Дека прифаќањето од младите е подобрено. Нема толку големо осудување, и не е табу како што беше, да речеме, пред 10 години. Но, сепак треба уште да се работи за да се средат одредени нешта.

И ова не го споменувам само за народот, туку и за надлежните институции, за оние кои навистина треба да ги санкционираат насилниците, и кои треба да се грижат за психичкото здравје на жртвите. Не се прави ништо во однос на тоа.

Anonimno-intervju-so-devojka-od-Veles-zhrtva-na-detsko-seksualno-nasilstvo-Pottiknata-od-site-shto-go-krevaat-glasot-reshiv-da-ja-raskazham-mojata-prikazna-povekje-04.jpg

Кажи ми, знаејќи од сопствено искуство, како се чувствуваш сега кога веќе проговори за ова? Јас знам дека кога излезе моето интервју како да ми се симна камен од гради, една цела тегоба која сум ја носел цел живот…

Токму така. Мене уште не ми е целосно паднат тој камен. Но почнува, полека но сигурно.

Самиот факт што сега разговарам со тебе, мене ми прави да ми е полесно, поубаво и почисто. А сигурна сум дека така ќе биде и со објавувањето на ова интервју.

И сакам да се излечам од ова, сакам да пристапам кон животот ведро и насмеано. И мислам дека се упатувам кон таа крајна линија.

Повторно ќе се навратам на останатите. Сите сакаат да направат некоја сензационализација од нешто. Како да е нивен живот, па тие да одлучуваат кога ние ќе проговориме, што ќе проговориме, и што ќе откриеме. Но, нашиот пат и нивниот пат не е ист. И јас сакам да можам да проговорам за сè веднаш, но не можам. За мене дури и ова интервју е огромен залак.

Но, важното е што почнувам да се чувствувам лесно. Како да ми се брише дамката која ми ја ставил некој друг.  

Што ќе ни кажеш за крај? Дали имаш да оставиш некоја порака за останатите кои поминале низ ова исто?

Само дека колку и да изгледа темно, секогаш има надеж за подобро. И не само надеж, туку и вистина дека ќе е подобро. Треба да работиме на самите себеси, да истражуваме, да читаме, да бараме помош од професионални лица кои можат да ни асистираат при лечењето на душата, да знаеме дека вината никогаш не е на тие деца кои биле сексуално злоставувани.

Не треба да се осудува, и не треба да се претпоставува, бидејќи мојот пат, е различен од твојот, а твојот е различен од нечиј друг. Сите сме различни, и не сите секогаш имаме иста храброст, и ист призив да направиме нешто големо. Ама можеме да почнеме од некаде.

Сакам да знаат жртвите на сексуално злоставување, дека не се сами.

Crnobelo.com

Translate »