Полемика- Огнен Вангелов: Што е проблематично во тезите на Денко Малески?
Автор: Огнен Вангелов, доктор по политички науки
Во прилог цитирам два клучни аргумента од тезите на Денко Малески:
1.„Имено, зад нас е времето кога македонската историографија, заштитена од моќната југословенска федерација, можела непречено да врши селекција на историската граѓа за македонската нација, па каде пишувало Бугарин да пречкрта и да напише Македонец. Сега можете да кликнете на интернет, да влезете во архивата на „Њујорк тајмс“ и да прочитате текст од нивниот дописник испратен во 1903, за бунтот на бугарското население во Крушево на Илинден.“
2.„Значи, ние мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ. Тој народ, во залуден напор да избегне поделби и понижувања од соседните балкански држави кои навалиле врз последната отоманската провинција во Европа, Македонија, спас побарал во, како што вели Крсте Мисирков идејата за „национален сепаратизам“ и создавање на сопствена словенска нација.“
Дали Малески сериозно верува во тврдењето дека сериозните научни извори пречкртуваат Бугарин и ставаат Македонец? И дали треба да извлечеме општ заклучок за комплексен процес на идентификација во периодот околу Илинденското востание според цитат од, на пример, Њујорк тајмс, кој функционира во точно определен контекст? А што со другите дипломатски извештаи, етнографски белешки и други извори од учени кои вој тој период и периодот кој следувал зборуваат поинаку? Сега нив да ги бришеме од книгите?
И чија е таа историска вистина за која зборува Малески? И врз основа на што се утврдува „историската вистина“? Секако дека бугарскиот национален, односно националистички наратив за историјата на просторот на отоманска Македонија во тоа време е таков—се тврди дека се работело за еден народ со ист јазик во Бугарија и Македонија, на што сега се повикува Малески. Но, немањето критичка дистанца од наративот на бугарскиот национализам е исто толкав проблем колку немањето критичка дистанца од наративот на македонскиот национализам.
Бидејќи, не придонесувате во дискусијата околу критичкото разгледување на македонскиот национализам со автоматско преземање, односно со прегрнувањена друг националистички наратив и дискурс, во случајот, бугарскиот, кој не може да ја даде основата за „правилно читање на историјата.“ Последново го ставив под наводници, бидејќи најчесто таа синтагма ја користат оние што историските и општествени феномени ги гледаат од есенцијалистичка и детерминистичка перспектива.
Таквата перспектива често води до монструозни карикатури на создавање националистички митови во чија основа лежат расните толкувања за „крвта и земјата“ како и наративите за илјадагодишни континуитети на одредени народи. Нешто такво неодамна беше пробано кај нас и со право не можеме да се согласивме да влегуваме во нова таква стапица, сега со бугарска амбалажа.
Имено, да се зборува за еден народ во Бугарија и Македонија во периодот на Илинденското востание, неколку декади пред него, па сѐ до Балканските војни е исто така одредено читање на таа историја, а тоа е бугарското ексклузивистичко читање. Добро е познато колкави контроверзи има околу именувањата, како и идентитетот кој му се припишувал на населението, и на крајот самоидентификацијата на населението или населенијата во отоманска Македонија. Значи, тука се работи за повеќеслоен проблем и бара исто толку повеќеслојна анализа и толкување.
Не постои масовна самоидентификација на еден и ист народ во тоа време на териториите на Македонија и Бугарија. Постојат повеќе идентификации кои не биле стабилни и кои биле подложни на промени и влијанија. Всушност ни во самата Бугарија до длабоко во втората половина на 19. век не постои масовна етно-национална самоидентификација. Таа се создава постепено со создавањето на Бугарското Кнежевство и со воспоставување централизирано образование.
Со оглед дека македонската територија воопшто не е опфатена со кнежевството (освен блиц-периодот со Сан-Стефанскиот договор кој е брзо потоа поништен), туку само со егзархијата, тогаш е сосем јасно дека до создавање еден народ или нација никогаш не дошло, а уште помалку пак до негова консолидација. Точно е дека има документи каде што може да се види дека некои револуционери се декларирале или биле запишани како Бугари. Но, таквото декларирање или идентификување на високопозиционирани личности не може автоматски да се проектира на наводна масовна самоидентификација на народот како бугарски. И не може таквите документирани декларирања или белешки да се откорнат од дадениот историски контекст. Има многу сериозни студии кои ги анализираат тие контексти.
Едноставно, не е точно дека во тој период постои еден народ со јасна свест за своето етно-национално и јазично заедништво во Македонија и Бугарија. Исто така, идејата за македонски етно-национален и јазичен идентитет (именуван различно, во зависност од тоа кој го застапувал и во кој период) настапува релативно рано во балкански контекст, во периодот пред формирањето на Бугарското Кнежевство, како и потоа.
Дали тоа значи дека постоело масовно самоидентификување на населението како Македонци во втората половина на 19. век и во периодот на Илинденското востание? Не, исто како што не постоело ни масовно самоидентификување како Бугари во добар дел од 19. век, па сè до создавањето на бугарската држава. Имало различни идеи, престави и замисли за сопствениот идентитет дури и кај луѓето кои имале некакво образование. Затоа во историографијата тоа се нарекува период на „преродба“, иако е поточно да се нарече период на раѓање, тоест создавање, бидејќи тогаш почнуваат да се создаваат нациите.
Со зацврстувањето на бугарската држава, создавање централизирано образование со стандардизиран бугарски јазик, бугарскиот етно-национален и јазичен идентитет исто така се консолидира и зацврстува. До зацврстување и консолидирање на македонски идентитет не доаѓа затоа што нема услови за создавање силно изразенетно-национален и јазичен идентитет без држава, без централизирано образование на таа замислена држава и без стандардизиран и институционализиран јазик.
Тоа е период на создавање на нации-држави и е насекаде ист во голем дел од Европа, а посебно во источна Европа и на Балканот. Државите се создаваат со идеја дека во нив живее одредена нација. Повеќето од државите (посебно новите, односно оние што не наследиле средновековни кралства, кои пак и самите немале национален идентитет до 19. век) го создавале масовниот етно-национален и јазичен идентитет ПО создавањето на државата. Со други зборови, широкото население во новосоздадената држава почнува да се социјализира во одредена институционализирана култура и да се описменува во одреден, институционализиран јазик. Ова е од клучна важност и посебно треба да го имаат на ум оние што сакаат да нè уверуваат во есенцијалистичка природа на етно-националните идентитети.
Но, не значи дека поединци и интелектуалци од втората половина на 19. век и првата половина на 20. век (како на пример К. Мисирков), и во отсуство на држава не зборувале дека треба да се консолидира посебен македонски идентитет со сопствен јазик. И не само тој, и пред него на еден или друг начин учени луѓе од тоа време од Македонија заговарале „сепаратизам“, односно не го наоѓале својот етно-национален и јазичен идентитет во рамките на бугарскиот етно-национален и јазичен идентитет.
Бугарскиот јазик е со основа од источнобугарските дијалекти, кои за голем дел од населението во Македонија биле тешко разбирливи. И тоа е добро документирано. Имало разногласје околу идентитетските и јазичните прашања. Немало консензус меѓу (колку-толку) учените за тоа како треба да се обликува евентуален заеднички јазик во Македонија и Бугарија, по примерот на српско-хрватскиот.
Некои биле за заеднички јазик, но со основа на македонско наречје, други биле за некој „среден“ јазик со комбинација од двете наречја, а трети биле за посебно нормиран македонски јазик. Јазичното прашање останало за решавање по ослободувањето на Македонија. Ако некојкон крајот на 19. век и почетокот на 20. век користел бугарски стандарден писмен јазик кој, патем, претрпел неколку промени во нормирањето и кој го употребувала бугарската држава, а со тоа и бугарската егзархија во Македонија, не може да се тврди дека тоа било масовно прифатена норма во Македонија. Впрочем, огромен дел од населението во тоа време било неписмено.
Тоа е тоа „читање“ кое науката го дава. И за тоа зборуваат и бугарски интелектуалци. Еве што велат некои од нив: „Инсистирањето на ‘заедничка историја‘ до 1944 година од научна гледна точка е тешко за одбрана. Во неколку наврати тоа се навестува само како историја на еден народ- бугарскиот. Во практика, всушност се бара од македонската страна да ја препише бугарската историја до таа година. Всушност, денешна Бугарија и денешна Северна Македонија се рамноправни наследници на вековната култура и цивилизација.“ (Од петицијата на бугарски интелектуалци против декларацијата на бугарската влада за неприфаќање македонски народ и јазик).
Исто така, бугарските официјални историографи сигурно не треба да се земаат како пример за „непристрасно“ гледање на историјата. И историчари од Бугарија зборуваат за фалсификување податоци од историчарите на бугарскиот естаблишмент кои ја туркаат теоријата за тоа дека Македонците и Бугарите се еден народ во две држави, или ако барем денес не можат да ја продадат таа теорија на светската јавност, дека до не толку далечно минато сме биле еден народ.
Така, бугарскиот историчар Стефан Дечев вели:
„Навистина е зачудувачко како историографската бугарска матрицаод 70-те и 90-те продолжува да го информира огромното мнозинство во бугарската историска наука. Во таа смисла и антибугарскиот тон во македонските медиуми не треба да се разгледува надвор омаловажувачкиот однос присутен во бугарскиот дискурс кон државата Македонија (од неодамна – Северна Македонија, кое име немалброј Бугари го користат за да го засилат тој однос); практичното непризнавање на очигледното – постоењето на македонската нација; позицијата за македонскиот јазик.“ Потоа и додава дека „Јасно е дека на темата ‘Македонија‘‘ просветениот национализам ‘и екстремизмот на Божидар Димитров тргнуваат од една заедничка матрица. Тезата за македонската нација како ‘творба од решенијата на Коминтерната‘“.
Конечно, во многу странски извори кои и историски и социолошки го проучуваат (и документираат) создавањето национални држави на Балканот во 19. век ќе се најдат слични објаснувања за поимањето на идентитетите во тој период. И од тоа не треба да се отстапува.И конечно, што ќе правиме со Конески, со неговата Историја на македонскиот јазик, со неговата Историска фонологија, како и со други научни дела кои се светски признати и кои зборуваат за сите овие нешта на сличен начин, како и други дела од светската славистика? Читал ли Малески некогаш нешто од тие дела освен исечок од Њујорк тајмс од 1903?