Платите во регионов се најниски во Македонија, највисоки во Словенија
Според најновите официјални статистички податоци, највисоки просечни плати во регионот се забележани во Словенија и во Хрватска, а најниски во Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.
Според најновите расположливи податоци на словенечкиот Завод за статистика, просечната месечна нето-плата во земјата е 1.114 евра. Во исто време, тоа е единствената плата во земјите во регионот што надминува 1.000 евра. Просечната плата во Словенија е двојно поголема од просечната плата во скоро сите балкански земји, освен во Хрватска, каде просечната месечна плата е близу 900 евра.
По Словенија, следува Хрватска, уште една членка на Европската Унија од балканскиот регион, во која, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика за август, просечната плата изнесува 6.438 куни или 864 евра.
Потоа доаѓа Црна Гора, каде што според официјалната статистика на Заводот за статистика на Црна Гора – Монстат, просечната заработка без даноци и придонеси во август 2019 година изнесува 517 евра.
Најниски просечни плати во регионот се забележани во Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Според Агенцијата за статистика на Босна и Херцеговина, просечната месечна исплатена нето-плата во август годинава била 925 конвертибилни марки, или 472 евра, што е нешто повисоко од платата во соседна Србија. Според податоците на српскиот Завод за статистика, просечната нето плата во август годинава била 54.111 динари или 460 евра.
Статистичките податоци од Заводот за статистика на Северна Македонија покажуваат дека просечната плата во јуни годинава е 25.127 денари или 409 евра, што е најниска месечна плата во регионот.