Германија повеќе не е главна „мета“ на мигрантите: Најмногу барања за азил има во – Франција
Франција за прв пат од мигрантската криза која изби во 2015-та година ја надмина Германија и стана прва европска земја по број на баратели на азил.
Ова денес го потврди францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер.
„Франција од 20-ти октомври е првата земја по баратели на азил, иако опаѓа бројот на мигранти кои што пристигнуваат во Европа“, изјави францускиот министер Кастанер, пренесуваат тамошните медиуми.
Само за споредба, во екот на мигрантската криза која изби во 2015-та година, Франција доби 80,075 барања за азил, додека пак Германија доби дури 890 илјади барања за азил. Во следната година Германците во својата земја примија над милион мигранти од Блискиот исток и северна Африка.
Сега, неколку години подоцна, Франција за прв пат е во блага предност во однос на германија по бројот на добиени барања за азил од страна на мигрантите кои сепак продолжуваат да пристигнуваат претежно преку рутата низ Средоземното море.
До 17-ти ноември во Франција биле поднесени 120,900 барања за азил, додека во Германија биле поднесени 119,900 барања за азил, открија податоците од француското и германското Министерство за внатрешни работи.