Путин се огласи за загинатите научници: Тие развиваа оружје какво што нема никаде на светот!
Претседателот на Русија, Владимир Путин оцени дека најновиот ракетен мотор, кој неодамна беше тестиран и притоа загинаа неколкумин работници на компанијата „Росатом“ и претставници на Министерството за одбрана, е без конкуренција во светски рамки.
Рускиот претседател го изјави ова на церемонијата на државното одликување во Кремљ, на која настраданите постхумно ги одликуваше со Орденот на храброста. Путин меѓу другото нагласи дека работниците на „Росатом“ вршеле многу тешка работа.
„Зборуваме за најнапредите и неспоредливи технички идеи и решенија какви што нема никаде во светот. Самиот факт што поседуваме така уникатни технологии денес е најважната гаранција на мирот на планетата“, изјави Владимир Путин во Кремљ.
„Сите дадоа незаменлив придонес во јакнењето на руската држава“, изјави рускиот претседател.
На воениот полигон во Архангелската област на 8-ми август, при тестирањето на системите на мотор на течен погон, се случи голема експлозија и изби пожар. Од Министерството за одбрана на Русија соопштија дека во инцидентот загинале две лица, а подоцна од „Росатом“ соопштија дека загинале петмина нивни експерти.
Во меѓувреме во околните места беше забележан голем скок на радијацијата и тоа предизвика голема паника меѓу локалното население, иако локалните власти смируваа тврдејќи дека нема причини за загриженост.
Путин не откри за какво оружје станува збор, но постојат извештаи дека работниците загинале додека работеле на прототип на оружје кое Русите го нарекуваат „Буревестник“, а во НАТО е означено како „Скајфол“.
Станува збор за крстосувачка ракета на нуклеарен погон која Путин ја претстави минатата година, а беше објавена и кратка анимација. За самата несреќа во која загинале научниците, руските власти и натаму кријат многу детали.