Меркел до Макрон: Ми се смачи да го поправам тоа што го расипувате!
Иднината на ЕУ би можела да биде доведена во прашање доколку се продлабочи конфликтот помеѓу германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
Осовината Берлин-Париз е придвижувачката сила и камен-темелникот на Европската унија, но како што пренесува „Њујорк Тајмс“, раздорот помеѓу сојузниците кулминирал за време на прославата на 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид.
Меркел на маргините на овој состанок жестоко го критукувала францускиот претседател Емануел Макрон кој го блокираше доделувањето на датумот за преговори на Европската унија со Македонија и Албанија, иако практично беше „сам против сите“.
„Целосно ја разбирам вашата потреба за реметувачка политика, но ми се смачи да ги собирам скршените делови. Морам да ги лепам шолјите кои вие ги скршивте, само за да можеме да седнеме и да се напиеме чај“, наводно рекла видно лутата Ангела Меркел.
До уште поголем раздор во односите помеѓу Меркел и Макрон дојде после неговото неодамнешно интервју за „Економист“ во кое изјави дека „НАТО е во состојба на мозочна смрт“ поради недостатокот на соработка помеѓу земјите членки.
Меркел веднаш после неговата изјава мораше да ја смирува целата ситуација, отфрлајќи ги ставовите на Макрон за време на нејзиниот состанок со првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг кој исто така ги отфрли зборовите на францускиот претседател.
Како што е познато, Макрон тргна против целата Европска унија во обидот да ја наметне Франција како највлијателен фактор во европската заедница и да ја надмине најмоќната Германија. Тој го блокираше доделувањето на датум за преговори на ЕУ со Македонија, иако нашата земја беше приморана да го смени името за да биде дел од европското семејство, а и самиот Макрон лицемерно преку видео порака ги убедуваше граѓаните да гласаат на референдумот „За“, за Македонија да може да влезе во НАТО и ЕУ.
За крај, од Париз пристигна и „нон пејпер“, предлог за нова методологија за проширување на Европската унија, а и во двата случаи Берлин реагираше резервирано, односно стана јасно дека и за ова Макрон нема поддршка ниту од повлијателните, ниту пак од помалите држави.
Односот помеѓу Меркел и Макрон ќе биде во центарот на вниманието на јавноста на предстојниот состанок на лидерите на земјите членки на НАТО Алијансата, кој ќе се одржува на почетокот на декември во Лондон, а на кој ќе бидат одбележани 70 години од постоењето на најмоќниот воен сојуз на светот.