Forbes ja објави листата на 100 најмоќни жени во светот
Германската канцеларка Ангела Меркел деветта година по ред е на првото место на листата со 100 најмоќни жени во светот според магазинот Forbes, а вкупно 14 години се наоѓа меѓу 100-те најмоќни. На листата годинава се најде и српската премиерка Ана Брнабиќ. Таа ја зазема 88. позиција, а магазинот Forbes ја опишува Брнабиќ како „прва жена премиер и прв деклариран хомосексуалец на таа позиција во конзервативната Србија“.
На второ место на листата се најде претседателката на Европската централна банка и поранешна шефица на ММФ, Кристин Лагард. Веднаш зад нив на 3. место е престедателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси. На четврто место е новата престедателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додека извршната директорка на General Motors, Мери Бара, го зазеде петтото место.
На шесто место се најде Мелинда Гејтс, сопруга на Бил Гејтс и претседател на најголемата хуманитарна организација во светот „Бил и Мелинда Гејтс“. Од другите позвучни имиња на листата се најдоа Сузан Војчички (12.), извршна директорка на YouTube; Шерил Сендберг (18.), главен оперативен директор во Facebook; Опра Винфри (20.), пејачките Ријана, Бијонсе Ноулс и Тејлор Свифт се најдоа на 61., 66. и 71. место, како и ќерката на американскиот претседател Доналд Трампс, Иванка Трамп. Таа е на 42. место, едно место подолу од кралицата Елизабета II.
На последно место на листата на Forbes се најде младата шведска активистка против климатските промени, Грета Тунберг. Најмногу жени на листата се од Северна Америка, односно 50 жени. Од азиско-пацифичкиот регион има 21 жена, додека од Европа има 18 жени. Од Велика Британија доаѓаат пет жени, од Латинска Америка две и една од Африка.