Владата ќе понуди на продажба станови и куќи одземени правосилно.
Агенцијата за управување со одземен имот за прв пат по четири години со дозвола од Владата ќе понуди на продажба станови и куќи одземени правосилно.
Станува збор за станови во Кисела Вода со почетна цена од 46, односно 38,5 илјади евра, станови во Карпош од 100 илјади и 34 илјади евра, како и куќа во Центар од безмалку 200.000 евра.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Фатон Асани вели дека процедурата со продажбата допрва ќе ги минува потребните административни филтри.
– Ова е прв пат откако сум директор да се понудат на продажба недвижнини одземени од државата за кои сметаме дека можат да бидат купени. Следува формирања на неколку комисии кои се дел од постапката. Постојат одредени предрасуди кај некои потенцијални купувачи дека тоа некогаш било имот на наводни криминалци, но мислам дека со добра понуда ќе привлечеме Ако оваа продажба се покаже како успешна, ќе следуваат и други понуди на запленети недвижнини на кои сопственици сега сме ние, вели Асани.
Тој додава дека овие станови и куќи не се правосилно земени од лица поврзани со предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство, туку дека се одземени од прекршители од други ситуации во изминатиот период.
– Можам да кажам дека во поново време се одземени дури 26 недвижнини од ваков тип но тие се уште не се дојдени до таа фаза да бидат одобрени за купување. Лично јас сметам дека и во овој сегмент ќе се подобриме, бидејќи бројките зборуваат дека на државните институции сме им заштедиле вкупно милион и пол евра, затоа што наместо да купуваат на тендер, тие од нас добија 420 службени возила – од министерства па до месни социјални служби. „Македонија пат“ на пример со наша помош ја поднови механизацијата. Исто така ги расчистуваме депоата и магацините. 1.200 возила се продадени како старо железо, а запленетите продукти од 6 милиони ги намаливме на 3, додава Асани.
Јавното наддавање ќе се изврши по електронски пат, а почетната продажна цена е утврдена од Бирото за судски вештачења
Претходно, одземени станови и куќи од страна на државата последен пат се продаваа во 2015 кога имаше девет понуди и 2014 кога имаше 12 понуди на имот главно од градското јадро на Скопје. Заради успешност на продажбата, се одеше на намалување на дури една четвртина од проценетата цена пред наддавањето кај некои случаи.
Faktor.mk