Што се случувало во сеизмолошката станица во Скопје за време на скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 година

Сеизмолошката станица на Универзитетот во Скопје е единствената сеизмолошка станица која работела во времето на скопскиот катастрофален земјотрес од 26 јули 1963 година.  Во моментот на земјотресот, со станицата раководел Драган Хаџиевски, сега редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје во пензија. Други вработени во станицата во тоа време биле дипл. инж. геолог Панде Георгиевски и помошникот лаборант и чувар на станицата Ристо Глигоров, кој со своето семејство живеел во станбениот дел на станицата, нешто што било вообичаено за тогашните сеизмолошки институции. Меѓутоа, Панде и Ристо на 26 јули 1963 година биле на годишен одмор, па така за време на кобното утро во Скопје од стручните лица на станицата бил само Драган Хаџиевски, а во зградата на станицата – само родителите на Ристо Глигоров, Тимо и Софија.

Тимо и Софија на 26 јули 1963 година, во 05 часот и 17 минути, биле разбудени од многу силен подземен удар, проследен со силна бучава. Веднаш потоа почувствувале и слушнале силни удари во надворешните ѕидови на станицата од одронатите варовички стени на падината на Водно над станицата. Истрчале во дворот на станицата, каде биле сведоци на страшна глетка: наместо градот Скопје, во подножјето на падината на Водно се кревале големи облаци од прашина. Кога по некое време прашината се расчистила, здогледале урнати згради и куќи. Во целокупниот хаос, не ни забележале дека во моментот пристигнал раководителот на станицата, Драган Хаџиевски. Тој, пак, во тоа време живеел во зграда во населбата Карпош. Пробуден од силниот земјотрес, се стрчал на улица, влегол во своето возило, и со многу големи тешкотии, низ паниката и урнатините во градот Скопје, успеал да стигне до станицата. Станицата тогаш била опремена со два механички сеизмографа MAINKA, монтирани уште во првата половина на 1957 година, на начин да ги бележат движењата на тлото долж правците север–југ и исток–запад, и со механичкиот сеизмограф CONRAD, монтиран во февруари 1963 година, на начин да ги бележи движењата на тлото долж правецот север–југ. Овие сеизмографи имаат игла монтирана на масата на физичкото нишало, која го бележи движењето на нишалото односно тлото врз начадена хартија поставена на цилиндер што ротира. Драган констатирал дека сите три сеизмографи биле исфрлени од работа поради ударот на силниот земјотрес. Со голема возбуденост, но и умешност, тој успеал, точно 38 минути по настапот на земјотресот, да ги врати во работа сеизмографот CONRAD и едниот од сеизмографите MAINKA. Со ова е овозможена континуирана регистрација на сите други земјотреси настанати по силниот, што пак обезбедило натамошно издавање на Сеизмолошкиот билтен и на засебни извештаи, како и навремено информирање на населението заради пре­зе­мање соодветни заштитни мерки.

Д-р Вера Чејковска,

раководител на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје

 

Континуитетот на микросе­из­мичките набљудувања по силниот земјотрес што го обезбедил Драган Хаџиевски претставува, всушност, основен материјал за понатамошните обемни истражувања на скопското епицентрално подрачје од сеизмолошки и од сеизмотектонски аспект. Така, за сите сеизмолози во Република Македонија и пошироко, несебичното стручно залагање и акција на Драган Хаџиевски утрото на 26 јули 1963 година претставува особен пример.

Зградата на Сеизмолошката станица во Скопје во 1957 година и по доградбата во 1998 година.

 

Двата механичките сеизмографи MAINKA (лево) и механичкиот сеизмограф CONRAD (десно) во зградата на Сеизмолошката станица во Скопје. Овие сеизмографи ги бележат движењата на тлото на начадена хартија поставена на цилиндер што ротира. Истите биле единствените во Република Македонија за време на скопскиот катастрофален земјотрес од 26 јули 1963 година. Земјотресот ја блокирал нивната работа.

 

———————————————————————————————————–

 

Првата сеизмолошка институција во Република Македонија e Сеизмолошката станица на Универзитетот во Скопје. Таа е основана во 1957 година од Владата на Републиката (тогашниот Извршен совет на Народното собрание на НР Македонија). Зградата на станицата е подигната на падините на Водно во населбата Кисела Вода. Прв раководител е географот Гиго Милески, а во 1958 година Драган Хаџиевски, тогаш дипломиран физичар на Ка­тедрата по физика во Скопје, се избира во звањето асистент во Сеизмолошката ста­ница во Скопје и се упатува на студии по геофизика и специјализација. По завршувањето на овие две програми, во 1961 година, тој е именуван за нов раководител на Сеизмолошката станица, функ­ција што ја извршува до 1988 година.

 

По земјотресот во 1963та година, станицата многу често е домаќин на светски познати сеизмолози и институции, учествува во значајни национални и меѓународни научни проекти, како и во многу апликативни проекти при градењето на значајни објекти во Републиката. При тоа, станицата постојано ги осовременува опремата и методите на научна анализа на сеизмолошките податоци, отвора нови сеизмолошки станици, поради што во 1966 година го добива називот Сеизмолошка опсерваторија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1976 година, оваа опсерваторија станува дел од Факултетот за физика на истиот универзитет, а во 1984 година го стекнува сегашниот статус – засебна организациона единица на Природно-математичкиот факултет при истиот универзитет. Во текот на својот развој, опсерваторијата ги има користено сите досегашни генерации на сеизмолошки инструменти. Оваа институција денес, овластено со закон, ја одржува републичката сеизмолошка мрежа од шест постојани сеизмолошки станици (во Скопје, Штип, Валандово, Охрид, Битола и Крушево), ги врши сите соодветни стручни и научни анализи, а во случај на осетените земјотреси во Република Македонија ја известува јавноста.

 

Translate »