Интервју со Антонио Ташковски: за глумата, претставата „Замисли нов свет“ и поддршката за културата
Младиот актер Антонио Ташковски се наоѓа среде најзафатениот период од кариерата досега, со повеќе индивидуални и групни проекти кои му се случуваат паралелно, како и планови за идни проекти кои допрва следуваат. Сепак, еден од нив особено ни го задржа вниманието. Претставата „Замисли нов свет“, која на 17 декември ќе ја има официјалната премиера на сцената на МНТ е проект на Телеком, дел од иницијативата #НаправиМесто, а инспирирана од творештвото на драматургот Горан Стефановски. Иако Антонио напорно се подготвува за првата изведба, сепак одвои малку време за да ни одговори на неколку прашања…
1. Кога дозна дека знаеш да глумиш? А кога реши да станеш актер?
Желбата за глума се појави уште на училишните претстави во основно, па потоа и во средно училиште. Можеби почна и кога како помал успевав да одглумам пред моите родители дека ме боли стомакот – само за да не јадам боранија, хахах!
А инаку, решив дека сакам да се запишам на Факултетот за драмски уметности само еден месец пред приемниот испит.
2. Знаеме дека иако си дел од актерската сцена, повремено настапуваш и како стенд-ап комичар. А во последниот период, одлично ти оди и во улогата на инфлуенсер со твојот Инстаграм профил. Ти доаѓа ли понекогаш премногу работа?
Да, последниов период сум многу ангажиран, но тоа е нешто што ме исполнува. Сепак, го работам она што навистина го сакам. Уживам во секој процес, дури и кога снимам кратка реклама за социјални медиуми. И драго ми е што е така.
Ми одговара ова темпо на живеење.

3. Кажи ни нешто за новата претстава… Како ти стана дел од „Замисли нов свет“ и која е твојата улога?
За претставата можам да ви кажам дека со нетрпение ја чекам премиерата. Дојдете и видете што сработивме со остатокот од екипата! А околу улогата – толкувам повеќе ликови, но тоа нека остане тајна барем до премиерата.
4. А, го замисли ли новиот свет? Како изгледа?
Новиот свет го креираме заедно со Нела Витошевиќ, која на извонреден начин нè води по патиштата што ги замисливме јас и моите колеги!
5. Актерската екипа на оваа претстава е составена од искусни и млади актери, некои би рекле совршен рецепт за успешна претстава. Полесно е кога со екипата сте генерациски блиски, или сметаш дека соработката и меѓусебното разбирање се поважни за успех?
Секако дека соработката и меѓусебното разбирање се клучот за успехот. Инаку, да – Нела направила фантастична поделба. Мене, искрено, ми претставува големо задоволство и чест што сум дел од овој проект.
6. Со проектот „Замисли нов свет“, Телеком уште еднаш се поврзува со творештвото на Горан Стефановски и директно ја поддржува домашната култура. Те охрабрува ли кога ќе видиш поддршка за културата од страна на големите организации? Колку се тие активни во промовирањето на вистинските вредности?
Мило ми е што голема компанија е поддржувач на културата. Нека ова биде пример и за останатите големи компании на пазарот. Поддржувањето на домашната културна сцена, преку негување на делата на нашиот Горан Стефановски е и патриотски чин. Треба да го цениме, почитуваме и негуваме нашето творештво.


