Лекција од земјотресот во Албанија: Балканот не е подготвен за голем потрес, милиони луѓе живеат во згради кои лесно можат да се срушат

Експертите сметаат дека балканските земји не се подготвени за следниот голем земјотрес, стои во текстот „Лекции од албанскиот земјотрес – Балканот не е подготвен за големи потреси“ на американски „Њујорк Тајмс“.

Голем број на влади на Балканот не успеаа да ги решат ризиците кои ги претставуваат зградите кои би можеле лесно да се срушат доколку дојде до поголем земјотрес, пренесува „Њујорк Тајмс“.

Њујоршкиот весник потсетува на земјотресот од 26-ти ноември минатата година во Албанија со јачина од 6,4 степени по Рихтеровата скала, во кој загинаа над 50 лица, додека стотици луѓе беа повредени и останаа без покрив над главата.

„Трагедијата испраќа јасно предупредување до регионот кој е погоден од многу силни земјотреси во минатото, а експертите сметаат дека балканските земји не се подготвени за следниот голем земјотрес“, стои во текстот.

Според зборовите на експертите, властите во регионот го охрабрија градежниот бум после деведесетите години, кога безбедносните стандарди често беа менувани поради потрагата за брз профит на бизнисмени блиски до политичарите.

Како резултат на тоа, милиони луѓе живеат во домови за кои е мала веројатноста дека би издржале силен земјотрес.

Основачот на првата романска невладина организација “Re:Rise”, инаку специјализирана за намалување на сеизмичкиот ризик, Метју Сумбасаку, вели дека само во Букурешт постојат 349 структури со висок ризик кои веројатно би се срушиле во случај на голем земјотрес.

Станува збор за стамбени комплекси и други стотина згради кои би претрпеле големи штети.

Од софискиот Факултет за архитектура, градежништво и геодезија велат дека Бугарија можеби е поподготвена од некои други земји во регионот за посилни земјотреси, но и дека причина за загриженост претставуваат новоизградените згради.

Translate »