Како ефикасно да се заштитите од загадениот воздух?
Последните денови загадениот воздух се врати на големата врата во метрополата. ПМ10 честиците во Скопје ги поминуваат дозволените граници и ова утро.
Свесни сме дека загадувањето убива и може да предизвика разни здравствени проблеми, но како да се заштитиме од нешто што ни е неопходно за живот – воздухот, кога мерките на надлежните или не се доволно ефикасни или им треба поголем период за да вродат со плод? Можеби одговорот е поедноставен отколку што си мислиме – волнен шал!
Така барем убедуваат пулмолозите од соседството кое заедно со Скопје и Македонија се вбројува меѓу загадените градови во светот.
Квалитетот на воздухот зависи од многу фактори. Различните метеоролошки прилики допринесуваат за квалитет на воздухот како и смената на денот и ноќта. Секако и годишниот период е еден од факторите кои влијаат на загаденоста па така во текот на зимата не е необично мерењата да покажуваат дека и во Белград воздухот има слаб квалитет-вели Андреј Шоштари од Градскиот завод за јавно здравје, пренесуваат српските медиуми.
И додека упорно следиме разни апликации кои го покажуваат нивото на загаденост на воздухот, размислуваме за начините на кои можеме да се заштитиме. Секако дека првото средство за заштита кое ни паѓа на ум е маската, но сепак обичните хируршки маски, како што рекол пулмологот Бранимир Несторовиќ, во вакви ситуации не помагаат, кога специјалните нано маски не може секој да си ги дозволи.
-Маската скоро нема да помогне ништо. Она што би можело да биде покорисно е шал преку устата, бидејќи тој има некоја филтрациона способност – рекол Несторовиќ и додал дека „волнениот шал спречува продирање на честиците и до 80 отсто“.