Неверојатни сцени на Сибир: 600 рибари биле заглавени на санта мраз, спасувањето траело 7 часа
Во седумчасовната операција на руската служба за вондредни ситуации биле спасени 536 риболовци кои биле заробени на голема санта мраз која се одделила од брегот кај Сахалин на истокот на Сибир.
Повеќе од 60 рибари успеале самите да стигнат до брегот, но на останатите им била потребна помош од спасувачките служби.
Некои групи користеле помали парчиња мраз како сплавови и на тој начин се обидувале да одвеслаат до брегот, додека големата санта мраз полека се одвојувала од копното. Во моментот кога биле спасени, сантата мраз на која била рибарите се оддалечила дури 200 метри од копното.
Ова е трет пат итните служби во регионот на Сахалин да мораат да спасуваат риболовци кои пловат на огромни парчиња мраз. На 22-ри јануари на санта мраз биле заробени околу 300 луѓе.
Руските власти подолго време ги предупредуваат граѓаните да не одат на мразот затоа што метеоролошките услови не го дозволуваат тоа. Понекогаш таквите „авантури“ завршуваат трагично.
Сепак, голем број на луѓе ги игнорираат предупредувањата на властите кои ги добиваат по СМС пораки и преку медиумите. Мразот понекогаш пука поради ударите на бранови, налетите на ветер или поради плимата и осеката, па луѓето практично остануваат на еден замрзнат остров кој се оддалечува од копното.