Страшна бура однесе пет животи во Европа
Најмалку пет лица настрадале во силната бура и обилните дождови кои погодиле делови од Европа и довеле до големи проблеми во функционирањето на сообраќајот.
Две жени, мајка и ќерка, загинале во Полска откако бурата урнала кров на објект за изнајмување на скии во ски-центарот Буковина Татразанска во близина на границата со Словачка и го одвеала кон луѓето кои стоеле во близина на жичарницата, пренесува AP.
Во Шведска еден маж се удавил откако му се превртел чамецот во кој тој пловел со уште еден маж – тој успеал да дојде до брегот, но починал, додека неговиот сопатник се води како исчезнат.
Во Велика Британија поради невремето 20.000 домаќинства и натаму немаат струја, а иако бурата се смирила во тој дел на Европа, метеоролозите најавуваат снег и виулица.
Во Велика Британија на сила и натаму има 110 предупредувања за поплави, а жителите на северозападот на Англија се евакуирани поради излевање на реката Ирвел.
Во Шкотскиот град Хауик куќа со апартмани се урнала во реката Тевот, но за среќа никој не бил повреден.
Британската сообраќајна мрежа и натаму е во прекин, односно бројни летови, бродски и железнички линии се откажани или одложени.
Бурата беснеела и во Франција, а метеоролозите предупредуваат дека ударите на ветерот на Корзика би можеле да достигнат и до 200 километри на час. Големи бранови се забележани и на северниот брег.
На пат кој ги поврзува Белгија и Франција силен ветар превртел камион, додека во Германија околу 50.000 домаќинства се без струја.
Во Германија во некои региони, како Северна Рајна Вестфалија се затворени училиштата, а неколку лица биле повредени кога гранки од дрвја паднале врз нив.
Во Германија се откажани стотина летови поради снежната зимска бура.
Во Франкфурт летовите повторно се воспоставени, но во Минхен се откажани 420 летови. Прекини има и во железничкиот сообраќај.
Метеоролошките служби предупредиле на високо ниво на морето на брегот на Данска, Норвешка, Шведска и Финска.