94,2 ОТСТО ОД МЛАДИТЕ ВО ЗЕМЈАВА КОРИСТАТ WHATSAPP, VIBER, SKYPE ИЛИ MESSINGER

96,3 отсто од младите во земјава на возраст од 15 до 24 години се секојдневно или речиси секој ден на Интернет, при што најголем дел од времето го користат за размена на инстант – пораки преку Messinger, WhatsApp, Viber и Skype, се наведува во извештајот „Користење на информатичко – комуникациски технологии во домаќинства и кај поединците, 2019 година“ на Државниот завод за статистика.

Податоците покажуваат дека младите во првите три месеци од годинава не биле многу заинтересирани за читање на он-лајн вести, весници и списанија, но затоа пак сакаат да креираат и да објавуваат сопствени содржини на Интернет.

Меѓу активностите што младите ги правеле на Интернет на почетокот од 2019 година, дури 95 отсто од Македонците на возраст од 15 до 24 години прикачиле лично креирана содржина (текст, слики, музика, видеа, софтвер) на веб – страници за да бидат споделени со другите членови на Интернет заедницата.

Покрај споделувањето сопствени содржини, дури 94,2 отсто од младите го користеле Интернетот за размена на инстант – пораки, додека 90,3 отсто од нив го користеле времето за учество во разни активности на социјалните мрежи Facebook и Twitter.

Статистичките податоци покажуваат дека 68,9 отсто од младите барем еднаш во период од три месеци го искористиле Интернетот за да прочитаат он-лајн вести, весници или списанија. Читањето новинарски содржини на македонската младина им е помалку приоритетна работа пред серија на други активности.

Па така, поголем процент (71,2 отсто) од средношколците и студентите одговориле дека примаат или праќаат електронска пошта на Интернет, додека 71,4 отсто од младите го употребиле Интернетот за да пронајдат информации за производи или услуги. Дури 81,3% од нив на почетокот од 2019 година телефонирале преку Интернет или оствариле видеоповици преку веб – камери.

Наспроти овие активности, македонската младина на возраст од 15 до 24 години не е заинтересирана да го минува времето на Интернет за продажба на производи или услуги, барање работа или праќање молби за работа, учество во он-лајн договарање или гласање за одредени граѓански или политички прашања и давање мислења за овие прашања преку веб – страници.

Translate »