УВИД ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ОД 26 ФЕВРУАРИ, КАМПАЊАТА СТАРТУВА НА 23 МАРТ

Државната изборна комисија, според Роковникот за спроведување на предвремените парламентарни избори, денеска од МВР треба да побара и да и биде доставен Избирачкиот список.

Списокот, ДИК најдоцна десет дена од денот на распишување на изборите, треба да го стави на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 15 дена и почнува на 26 февруари 2020, а трае до 11 март 2020 до 24 часот, период во кој граѓаните можат да ги достават барањата за запишување, допишување или бришење на податоци од Избирачкиот список.

ДИК во рок од три дена од распишување на изборите доставува барање до Министерството за информатичко општество и администрација да ги достави податоците за вработените во државната и локалната администрација, за да може да се извршат евентуални замени во составите на изборнитѕе органи.

Кандидатските листи, пак, до ДИК треба да бидат доставени 30 дена пред одржувањето на изборите, односно најдоцна до 24 часот на 12 март.

Потписите за кандидирање за кандидатските листи поддржани од група избирачи се собираат пред службените лица на ДИК , но и пред надлежен нотар на образец утврден од ДИК, доколку подносителот на кандидатската листа се одлучи за тоа. Во тој случај тој треба да ја извести ДИК кај кој нотар ќе ги собира потписите.

За прибирање на средства за изборната кампања, учесниците на изборите треба да имаат единствен даночен број и трансакциска сметка која ќе ја отворат најдоцна 48 часа по потврдувањето на листата или најрано 48 часа по распишување на изборите. Сметките се затвораат во рок од 60 дена по официјалните резултати од изборите.

Роковникот ја регулира и изборната кампања што е предвидена 20 дена пред изборите со 24 часовен изборен молк пред изборниот ден. Кампањата почнува во 0:00 часот на 23 март и завршува на 10 април во 24 часот.

Учесникот во изборната кампања, не може да нарача платено политичко рекламирање во радиодифузери кои не се регистрирани во регистарот на радиодифузери и портали, и да ги исплати од средства на трансакциската сметка за изборната кампања.

Затоа ДИК ги повика медиумите кои сакаат да емитуваат платена политичка реклама за претстојните парламентарни избори да се регистрираат во Комисијата, а тоа можат да го направат во рок од три дена од распишувањето на изборите односно на 17, 18 и 19 февруари. Радиодифузерите имаат рок од пет дена од распишувањето на изборите да ги утврдат ценовниците за платено политичко рекламирање. Ценовниците не смеат да се менуваат до завршувањето на изборите.

ДИК ги утврди и највисоките и најниските цени за рекламирање на радио, телевизија и во печатени медиуми, како и највисоките суми што може да се исплатат за рекламирање во интернет порталите.

Translate »