Угостителските објекти ќе работат само до 18 часот – се откажуваат сите јавни и приватни собири
Кафе баровите, рестораните, казината и кладилниците ќе работат со скратено работно време до 18 часот. Масите во овие објекти треба да бидат на соодветна оддалеченост. Во клиниките и болниците ќе прават само итни интервенции и прегледи а хронично болните ќе ја добиваат терапијата од матичните лекари. Овие ригорозни мерки на предлог од Комисијата за заразни болести доаѓаат откако вчера СЗО прогласи пандемија на корона вирусот на светско ниво. Министерот Филипче вели дека до 24 март ќе бидат затворени и кината, театрите и теретаните, а побара до мерките да се придржуваат и верските заедници.
-Во Италија има полициски час. Не сакаме да ни се случи Италија, затоа воведуваме вакви ригорозни мерки. Апелираме на јавна свест, вели Венко Филипче, министер за здравство.
Филипче најави дека ќе разговара со министерката за правда што ќе се случува со судските рочишта каде исто така има поголема фрекфенција на луѓе. И додека здравствените власти со ригорозни мерки се борат против корона вирусот, кај тројца од деветтемина заболени со ковид 19 во земјата дошло до влошување на состојбата.
-Тие утрово имале мало влошувањ ена нивната состојба и инфектолозите ја следат, засега не се на респираторна поддршка. Но инфектолозите ја следат нивната состојба. Останатите се во стабилна состојба, вели Филипче.
Во домашна изолација има повеќе од 200 лица и најголем број од нив се оние кои имале контат со заболената и веќе разрешена директорка на Клиниката за кожни болести. Филипче вели никој од нив досега не покажале симптоми на болеста.
За зајакнување на капацитетите Здравствен дом Скопје ги повлекол сите специјализанти кои се на клиниките, додека, пак, Инфективна ќе добие засилување од одделите за интензивно лекување. Здравствените власти ќе набавуваат дополнителни тестови за корона вирус и уште 50 респиратори.