Владата забрани влез на државјани од ризичните области

Владата донесе одлука со која сите мерки за превенција од коронавирусот донесени на сите претходни седници  добиваат правна основа за нивно спроведување.

Одлуката ја пренесуваме во целост:

1. Се забранува воспитно – образовниот процес и одржување на настава во сите детски градинки, центри за ран детски развој, дневни центри, основни и средни училишта.

2. Се забранува одржување на наставата во високо – образовни установи и јавните научни установи.

3. Да прекинат со работа ученичките и студентските домови, библиотеките, театрите, кино салите, музеите и детските игротеки.

4. Се забранува посета на сите вон училишни активности и други приватни активности кои децата ги извршуваат вон наставата, (посета на воспитно – образовни активности, курсеви, дополнителни часови, спортски тренинзи и сл.).

5. Се забранува одржување и собирање на масовни собири и настани на отворен и затворен простор, секаков вид на јавни и приватни собири, како и сите културни, информативни, спортски настани и манифестации, без оглед на обемот и бројот на учесници, во јавни објекти и други јавни места (кино сали, театри, музеи, библиотеки, спортски објекти, вежбални и детски игротеки).

6. Се затвораат сите спортски објекти, вежбални, спортски сали каде што може да се одржуваат секаков вид на собири и настани, без оглед на обемот и бројот на учесници.

7. Се забранува одржување на сите спортски настани и натпреварувања пред присуство на гледачи (публика).

8. Се забранува користење од секаков тип на пливачки базени на територијата на Република Северна Македонија.

9. Се забранува работа на угостителските објекти, кафетерии, барови, ресторани, клубови, казина, спортски обложувалници, од 18.00 часот до 7.00 часот наредниот ден и истите да работат со преполовен капацитет за гости, односно да се задржи минимум неопходно растојание од најмалку еден метар и половина до два метри помеѓу луѓето кои престојуваат во овие објекти.

10. Се забранува за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, одржување на настани, патувања, собири, обуки, семинари, конференции и друг тип на средби и да ги откажат истите.

11. Се забранува користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор, а се прекинува специјализацијата на сите државни специјализанти и супспецијализанти вработени во Здравствен Дом Скопје и истите се враќаат на своите работни места во матичната установа.

12. Се забранува на економските оператори и производители од Република Северна Македонија, извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали, потребни за справување со Коронавирус COVID-19, освен за оние за кои е добиена посебна дозвола издадена од Министерство за здравство.

13. Се забранува организиран меѓународен автобуски превоз (автобус, комбе, минибус и сл.) кон високо ризичните земји согласно Листата на Светската здравствена организација, како и од тие земји кон Република Северна Македонија,

14. Да се забрани влез на странски државјани од земјите со висок ризик, согласно Листата на Светската здравствена организација објавена на веб страницата на Министерството за здравство на линкот: zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2020/03/Spisok-na-zemji11.03.2020.pdf, (во натамошниот текст: Листата на Светската здравствена организација), освен оние кои ќе достават потврда издадена од надлежен орган за спроведен карантин.

15. Во случај на појава од патници на граничните премини на Република Северна Македонија од земјите со висок и среден ризик согласно Листата на Светската здравствена организација, истите задолжително да спроведат самоизолација.

Мерките ќе се применуваат до 24 март, освен мерката број 7, која ќе се применува 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука.

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, односно на 13 март.

Во соопштението, исто така, се наведува дека треба да бидат ослободени од работа и работни активности лица со хронични респираторни заболувања; 2) Тешки кардиоваскуларни заболувања; 3) Дијабет – ТИП1; 4) Малигни заболувања; и 5) Имуно-компромитирачки состојби, и тоа:

Хронични респираторни заболувања:

– ХОББ – Хронична опструктивна белодробна болест – J44

– Астма – J45

– Интестицијална фиброза – Ј84

Тешки кардиоваскуларни заболувања:

– Срцева слабост со EF<40

– Акутен миокарден инфаркт до 3 месеци

– Срцеви заболувања со тешка пулмонална хипертензија

– Тешка аортна и митрална стеноза

– Воспалителни заболувања на срце (миокардит, ендокардит) < 6 месеци

– Имплантиран пејсмејкер или срцев дивајс до 3 месеци

– Длабока венска тромбоза до 3 месеци

Дијабетес мелитус:

– Дијабетес тип I – инсулин зависен

– Дијабетес тип II на инсулинска терапија со коморбидитети: Миокарден инфаркт, церброваскуларен инсулт, стеноза на периферна циркулација и ХБИ

Сите малигни заболувања – C00-C97

Имунокомпромитирачки состојби:

– Состојба по трансплантација на бубрег – Z94.0

– Хроничен нефротичен синдром – N04.9

– Интермитентна хемодијализа – Z99.2

– Состојби со биолошка или комбинирана имуномодулирана терапија – M05, M06, M45.00

– Некротизирачки васкулопатии, системски еритематозен лупус, дерматополимиозит, системска склероза – M31 – M34.

Владата даде препорака и за сите хронично болни пациенти чија хируршка интервенција претходно била закажана и постои можност, да се одложи, односно да се извршуваат само итни неодложни хируршки интервенции, особено онколошките.

10. Во однос на продолжување на терапијата на хронично болните пациенти кои до сега требало да одат на лекар специјалист, во следните денови да се обратат кај своите матични лекари.

Ова мерка не важи за ново дијагностицираните пациенти.

Во однос на новонастанатата ситуација и локалната трансмисија со ширењето на болеста на територијата на општините Дебар и Центар Жупа, Владата го задолжи Министерството за здравство, во соработка со центрите за јавно здравје, да преземе дополнителни мерки за заштита од ширење на овој вирус, односно да се мобилизираат медицинските екипи со епидемиолог од Охрид и еден инфектолог или доктор (или инфектологот кој е во работен однос во бањите Цапа да се стави во служба и за потребите на центрите за јавно здравје).

За овие мерки да се достави извештај до крајот на денешниот ден, со цел Министерството за здравство да објави превентивно соопштение на територијата на општините Дебар и Центар Жупа, за можноста од воведување на карантин.

извор: Makfax

Translate »