Кои се државите кои успешно се бранат од коронавирусот?
Коронавирусот агресивно се прошири во речиси секој дел од светот, заразувајќи повеќе од 130.000 луѓе, но некои земји успеаја да се одбранат од оваа инфекција.
Ако ја погледнете картата на светот на која се означени земјите во кои се потврдени случаи на коронавирус, ќе забележите дека африканскиот континент во најголема мера успеал да се одбрани.
Како што велат експертите, Африканците за ваквата ситуација можат да ѝ се заблагодарат на високата температура на воздухот. Иако вирусот стигна речиси до Јужна Африка и иако сликата се менува од час во час, повеќето други земји на овој континент немаат потврдено случаи на коронавирус. Помеѓу нив се Либија, Нигер, Чад, Мавританија, Ангола, Намибија, Танзанија, Кенија, Етиопија, Мали, Мадагаскар…
На соседниот Арапски полуостров, Јемен е единствената држава во која нема заболени, а коронавирус нема ниту во Сирија.
Иако вирусот ја зафати и Русија и речиси сите држави во опкружувањето, интересно е што сите земји од Средна Азија успешно се одбранија. Ниту еден случај на заразната болест не е забележан во Казахстан, Узбекистан, Туркменистан, Таџикистан и Киргистан.
Додека во Јужна Кореја расте бројот на заразени, од соседната Северна Кореја тврдат дека не регистрирале ниту еден единствен случај на зараза со Ковид-19. Иако некои аналитичари се сомневаат во точноста на оваа информација, СЗО нема податоци за заразени во оваа земја.
Кога станува збор за земјите на западната хемисфера, мал е бројот на земји без коронавирус – Венецуела, Уругвај, Никарагва и Гватемала.
Исто така нема заразени лица на Алјаска ниту на Гренланд.
Во нашето опкружување единствена земја која не пријавила случај на инфицирани од коронавирусот е Црна Гора. Досега од новиот вирус починаа 4.720 лица, а од вкупниот број заболени речиси 69.000 пациенти веќе закрепнале.