ВЛАСТИТЕ БАРААТ ОДГОВОРНОСТ ОД ГРАЃАНИТЕ ЗА ДА СЕ СОПРЕ ШИРЕЊЕТО НА КОРОНА ВИРУСОТ
Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера соопшти дека има уште четири нови пациенти кои ќе бидат префрлени на лекување на Инфективно. Во моментов има едно заразено лице од Скопје, седум од Дебар и дополнително ќе пристигнат четирите новозаболени.
„Дојдоа за тестирање материјали од Центарот за јавно здравје од Дебар од уште десет лица, а во врска со втората група инфицирани од Дебар. Имаме уште четири нови пациенти кои ќе бидат префрлени на лекување на Инфективно, што беше причина зошто утрово разговаравме и информациите ги изложивме пред Управувачкиот комитет, кој предложи кризна состојба во Дебар и Центар Жупа. Се донесе одлука за ограничување на движењето на лицата кои живеат таму, во и надвор од општините“, истакна министерот.
Првозаболената кај која резултатот е негативен, ќе биде пуштена на домашно лекување. Во моментов има едно лице од Скопје, седум од Дебар и дополнително ќе пристигнат четирите новозаболени, исто така од Дебар.
Пациентката од Дебар која со својот сопруг беше донесена на Инфективната клиника бидејќи се позитивни на коронавирусот е во влошена состојба и е на граница да биде поставена на механичка вентлиација, истакна министерот за здравство.
„Пациентите се стабилни, освен првата пациентка од Дебар и е на граница за да биде поставена на апарат за механичка вентилација. Специјалистите се надеваат дека со дополнителна терапија ќе го препорди тоа, но се подготвени да ја стават на механичка вентилација“, рече Филипче.
Тој уште еднаш апелираше дека одлуките мора да се почитуваат.
„Не можеме да бидеме сигурни со каква динамика ќе се шири вирусот. Овие мерки се сериозни и ова не е шала. Значи кога велиме нема собири-нема собири. Ова мора да се почитува. Не може вака неодговорно да се однесуваат луѓето“, истакна Филипче.
Претходно, Претседателот Стево Пендаровски соопти дека за во понеделник во 16 часот закажал седница на Советот за безбедност, а на која ќе се разгледуваат можности за кризна состојба на дел од државата или во целата земја. Не се исклучува и можноста за вонредна состојба, за која тој смета дека во моментов не е потребна.
„Во понеделник во 16 часот закажав седница на Советот за безбедност на која ќе дојде министерот за здравство, да даде отчет до каде се со мерките и што е преземено. Повикан е и началникот на генералштаб, затоа што ако не дај боже затреба, Армијата има што да понуди за стационари. Можно е да се поргласи кризна состојба на дел или на целата територија. Армијата е веќе на услуга или им помага на единицте на МВР и на единиците на локална самоуправа на местата каде не можат да се снајдат. Постои можност да се прогласи кризна состојба поради коронавирусот, бидејќи тоа е закана за националната безбедност. Владата предлага во рок од 30 дена. Третата варијанта, за која сме далеку од прогласувања, е вонредна состојба, член кој никогаш не е активиран и кој ако затреба, ги покрива и овие делови со заразни болести. На седницата во понеделник ќе ги разговараме сите овие варијанти“, рече Пендаровски.
Пендаровски вчера изјави и дека се консултирал со директорот на СЗО во врска со тоа како се справува земјва со коронавирусот, а добил потврда дека со препораките, ние се справуваме најдобро во регионот.
„Нивна проценка е дека С. Македонија се справува најдобро во препораките од СЗО. Тоа не значи дека работата е завршена, туку дека до овој момент со мерките на МЗ и другите надлежни институции, само е спречено ширењето на епидемијата, што за жал се случува во многу побогати и поорганизирани држави од нашата“, рече Пендаровски.
Тој посочи и дека нема место за паника, ниту пак смета дека има потреба за вонредна состојба во моментов.
„Советот на безбедност ја има функцијата, и ќе донесе одлуки. И да има вонредна состојба, нема да има полициски час сигурно. Она што е сигурно е дека парламентот не владее, владее владата со уредби. Таа состојба трае 30 дена и може да се продолжи во зависност од тоа. Владата си владее, и претседателот си има свои обврски. Можеби ќе се оди на варијанта, кризна состојба на целата територија. Клучот за справување со ептидемијата е да се почитуваат препораките максимално и да бидеме крајно сериозни“, рече Пендаровски.
На вчерашната 17. седница на Владата, покрај усвоените заклучоци, мерки и препораки во функција на преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на болеста КОВИД-19 (коронавирус), се потенцираше да се спроведуваат препораки за казнивост согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик за сите физички и правни лица кои ги прекршуваат донесените решенија од страна на Државниот инспекторат за труд и Државниот пазарен инспекторат и истите да се процесуираат до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за да постапи согласно своите законски утврдени надлежности.
Во меѓувреме лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски изјави дека внимателно ја следат состојбата со развојот и ширењето на корона вирусот и дека прогнозите „се загрижувачки, а состојбата не се подобрува“.
– Она што страда е здравјето на граѓаните, но и еден значаен сегмент од стопанството. Здравјето е пред се, и нема цена, но воедно како општество мораме да признаеме дека престои и дополнителен кризен период за македонската економија која што е под сериозен удар. Забележани се низа пропусти, недоследности и неподготвеност на владини структури и надлежните институции во справувањето со последиците од корона вирусот и пропусти во организирањето на превенцијата. И тука ќе престанам. Со полна одговорност сакам да посочам дека нема да навлегуваме во деталите, нема да дозволам ова да се претвори во меѓупартиска битка или тема за влечење на политички поени, иако сето ова може да се забележи од страна на власта. Нема да долеваме масло во запалениот оган, сега тој треба да се изгасне, а за одговорноста ќе збориме после завршување на кризата со корона вирусот, изјави Мицкоски.
Она што е неопходно и нужно во периодов, според него е носење на сет на антикризни мерки за здравјето на граѓаните и помош за погоденото стопанство.
– Во текот на вчерашниот ден во консултација на тимот доктори и членови на комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, како и економскиот тим изработивме и денес нудиме сет антикризни мерки за заштита на граѓаните и помош на бизнисот. Но пред се, за да се имплементираат овие мерки со оглед на тоа што Собранието е распуштено и нефункционално, ВМРО-ДПМНЕ и предлага на владата веднаш да прогласи кризна состојба на цела територија на државата согласно чл. 3, став 1, алинеја 5 од Законот за управување со кризи, порача тој.
Пендаровски пак доцна синоќа донесе одлука за ангажирање на Армијата на Република Северна Македонија за поддршка на локалната самоуправа во Дебар и Центар Жупа и поддршка на полициските сили на МВР во обезбедување на дел од државната граница со Република Албанија на територијата на општина Дебар.
„Одлуката е донесена во функција на спречување на ширењето на Корона вирусот КОВИД-19 и отстранување на последиците од епидемијата, по прогласувањето кризна состојба на територијата на општините Дебар и Центар Жупа“, посочува претседателот.
Тој истакна дека единиците на Армијата ќе ги координираат своите активности и ќе соработуваат со локалната самоуправа во Дебар и Центар Жупа, полицијата, Центарот за управување со кризи и останатите институции на државата вклучени во справувањето со кризната состојба.
Премиерот Оливер Спасовски во интервју на емисијата 360 степени доцна вечерта изјави дека никој не може да предвиди како ќе се развива состојбата, како што не можеа да предвидат ниту другите држави, а тоа ќе зависи од многу фактори, односно од сите нас.
– Ниту институциите, ниту поединци, ниту министерства не можат да застанат на патот на состојбата, туку можеме сите заедно“, вели Спасовски.
Премиерот вели дека кога укажува дека здравјето и животот на граѓаните се најважни, не гледа кој политички интерес е поголем и поважен отколку живот на некој човек во државата.
– Одлуките кои се носат и кои ќе се носат, треба да бидат во зависност од развојот на настаните. Сега за сега разговараме за тоа како да се преземат мерки согласно ситуациите, но сите сили се кон овој предизвик. Се анализираат сите аспекти и на основа на анализите ќе се носат одлуките. Состанокот со лидерите не е состанок кој се одржал еднаш и не може да се одржи повторно. Во секој момент можеме да се состанеме и да носиме одлуки“, истакна Спасовски.
Тој апелираше до сите граѓани да бидат одговорни и да ги почитуваат сите мерки и препораки.