Корона ја запре автомобилската индустрија
Некои уште во јануари стравуваа дека ќе се случи тоа, други целосно ги игнорираа предупредувањата, а трети ја осознаа ситуацијата дури во минатата седмица. Автомобилската индустрија е во криза. Речиси сите производители на автомобили ги запреа погоните. Но, некој може ситуацијата да ја искористи како шанса, да ги врати едноставните и пред сé, достапни автомобили.
Сите производители на автомобили го објавуваат истото соопштение. Поради долготрајните последици од вирусот корона, корпорациите се присилени да го запрат производството на автомобили. Први реагираа фабриките во северна Италија, како најсилно погоден регион во Европа. Во изминативе неколку денови се придружија Seat, Nissan, Fiat Chrysler и Peugeot, ставајќи ги своите европски фабрики во мирување. Денес, последни реагираа германските производители.
Volkswagen објави прв дека од викендов го запира производството во Европа. Кусо потоа Audi и Daimler соопштија дека и тие ги затвораат фабриките во период од најмалку две седмици. Никој не може точно да предвиди дали мерките ќе продолжат да важат и во следниот месец. Daimler, во периодот додека мирува производството, ќе воведе најтемелни мерки за заштита на вработените од инфекции.
Ford го прекинува производството во европските фабрики на 19-ти март. Менаџментот на американската компанија верува дека паузата ќе трае подолго. Стјуарт Раули, претседател на европскиот Ford: „Поради драматичните влијанија на долготрајната криза врз европскиот пазар и врз добавувачите, привремено го прекинуваме производството во нашите најважни фабрики во континентална Европа.“
Зошто автомобилските фабрики не можат да ја прекинат работата преку ноќ?
Постојат причини, зошто на производителите на автомобили им беа потребни неколку денови додека го запрат производството. Станува збор за исклучително сложен процес, кој веќе со години се базира на таканаречена „just-in-time“ испорака на делови од добавувачите. Во денешните фабрики речиси не постојат магацини. Модулите, компонентите, цели платформи, па дури и каросерии и мотори, пристигаат готови на производствената линија, точно на време и на вистинското место за монтажа. На тој начин се избегнува стоење на деловите, се намалуваат трошоците и се избегнуваат комплицирани внатрешни системи. За фабриката да се стави во мирување, тоа треба вешто да се координира со добавувачите. Затоа, стопирањето трае меѓу седум и десет денови.
Официјално се работи за прекин од две до три седмици. Но, реално, прекинот во одредени земји може да трае многу подолго, дури и до неколку месеци. Целта на стопирањето на производството е првенствено да се заштитат вработените. Покрај тоа, прекината е испораката на делови во цел свет, а воедно се случува и огромен пад во продажбата на возила во светски рамки.
Во време кога е забранета посета на стадиони, на концерти, ресторани, производството не може да продолжи како ништо да не се случува
Продажбата на автомобили во Кина, само во февруари се намали за околу 80 проценти, поради епидемијата на корона. Пазарните аналитичари ценат дека вкупната продажба на автомобили до крајот на годинава ќе се намали за околу шест проценти, но под услов кризата околу вирусот корона да заврши во видно време. Според сегашните околности, мала е веројатноста за тоа. Автомобилската индустрија ќе мора да се соочи со многу силен удар.
Производителите во Европа досега очекуваа дека кризата нема да ги погоди, како што тоа во почетокот се случи со кинеските фабрики. Но, по само неколку денови, штетата се прошири и во Јужна Кореја, кадешто Renault-Samsung, General Motors, SsangYong и Hyundai, мораа да ги запрат фабриките, затоа што повеќе не им пристигаа делови од Кина. Додека вирусот уште не го постигнал својот врв во Европа, во Кина и во Јужна Кореја веќе се нормализира ситуацијата. Повеќето фабрики продолжија со работа. Околу 300 добавувачи во главните индустриски региони го обновија производството, а во меѓувреме почнаа да работат и 90 проценти од продажните салони.
Никој не може точно да предвиди до кога ќе трае кризата, колкави последици ќе има истата и како светот ќе продолжи по завршувањето на кризата околу корона
Во моментов не е можно да се предвиди уште колку долго ќе мируваат фабриките на автомобилските производители и на добавувачите. Исто не може да се предвиди и дали можеби уште наесен, ќе се случи нов бран на ширење на вирусот. Тоа што се знае е дека прекинот во веќе погодената автомобилска индустрија, ќе ги чини производителите неколку милијарди евра. Планираната продажба не може да се реализира, прекинат е дотокот на финансии, а во исто време паѓа и вредноста на акциите.
Додека се нормализира состојбата, може да минат месеци, а можеби и години. Но, може да има и корист од сета оваа криза во производството – настрана од масивните човечки жртви. Некои производители можеби ќе ја согледаат новонастанатата ситуација, како шанса да ги вратат на пазарот едноставните, комотни, но пред сé масовно достапни автомобили. Последен пат, индустријата беше волку силно погодена во нафтените кризи во 1970-те години. Потоа, големите и масивни лимузини, беа заменети со малечки и евтини автомобили. Време е да се вратат новите „буби“ и „мини мориси“, но такви што (повторно) ќе бидат наменети за најширокиот круг купувачи.