Самарас: Ниту еден грчки политичар во минатото не прифати македонски јазик, нација и идентитет
Нема да дозволиме да ја продадат нашата Македонија. Јас секогаш поддржував дека не можеме на Скопје да му го дадеме името Македонија, бидејќи едноставно, од тој момент сите, официјално ќе ги нарекуваат, не Северномакедонци, Горномакедонци, туку само Македонци, рече поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, во неговиот говор пред членовите на Комората во Кавала, на свеченото отворање на трговскиот и бизнис саемот во грчкиот град.
– Договорот од Преспа, на Скопјаните и официјално од грчката страна им го дава името на Македонија и признавање на националност – наводни Македонци и признавање на македонски јазик и признавање на македонски идентитет. Односно им дадоа сѐ. И покрај вистинските несогласувања што постоеја во минатото за управувањето со прашањето од различни влади, ниту еден грчки политичар никогаш не прифати да се признае нација, јазик и идентитет Македонец. Никој, рече Самарас.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, поранешниот грчки премиер, а сега пратеник од Нова демократија истакна дека опозициската партија, „како што и има објавено нејзиниот лидер Кирјакос Мицотакис нема да гласа за ратификација, ниту како влада, ниту како опозиција“, а додаде и дека следните грчки влади ќе треба да се ослободат од обврските од Договорот од Преспа.
– Ако сепак се ратификува во грчкиот Парламент, од гласови на СИРИЗА и на сите други кои што се подготвени да соработуваат со СИРИЗА, интеграцијата на Скопје во НАТО е веќе суштински завршена. Но, само тоа. Сите други долгорочни обврски од Договорот од Преспа, нема да издржат. Следните грчки влади ќе бидат принудени порано или подоцна, неизбежно да се ослободат од нив. Зошто? Бидејќи не можеме да прифатиме македонски јазик и идентитет, затоа што ова очигледно ќе има последици и во внатрешноста на Грција, затоа што тогаш би го легализирале скопскиот иредентизам во Грција, рече поранешниот грчки премиер, запрашувајќи се дали можеби со тоа би се барало од Грција да одржува „посебни часови за учење на нивниот јазик, кој го има одобрено и грчкиот парламент“.
Самарас додаде дека е сигурен дека во иднина „Грција ќе се ослободи од долгогодишните обврски од договорот“, повторувајќи го ставот на Мицотакис, да започнат преговорите од почеток.
Говорејќи за европската перспектива рече дека Грција „не може да се откаже од правото да преговара со Скопје за идна интеграција во Европската унија“.
– Не може Бугарија како член на Европската унија да преговара за сѐ со нив, а Грција да не може, поради обврските од Преспа, да преговара дури и за најмалата работа. Односно, Бугарија на пример, да има право да стави вето на интеграцијата на Скопје, а ние да не можеме. Не можеме да разговараме дали македонските производи од Кавала ќе можат да се нарекуваат македонски, рече Самарас во неговиот говор во грчкиот град Кавала, пренесе МИА.