МОТ: Заштитете ги работниците
Како што расте притисокот врз земјите да ги олеснат своите рестриктивни мерки на вонредна состојба, Меѓународната организација на трудот (МОТ) ги повикува владите да преземат активности за спречување и контрола на КОВИД-19 на работното место.
Во соопштението по повод Светскиот ден на безбедност и здравје при работа МОТ истакнува дека сите работодавачи треба претходно да извршат процени на ризикот и да осигурат дека нивните локации ги исполнуваат строгите критериуми за безбедност и здравје при работа за да го сведат на минимум ризикот на изложување на работниците на КОВИД-19, вели МОТ.
Без такви контроли, земјите се соочуваат со многу реален ризик од повторно избувнување на вирусот. Воспоставувањето на неопходните мерки ќе го сведе на минимум ризикот од втор бран на заразата на работно место.
Безбедноста и здравјето на целата наша работна сила се најважни денес. Соочени со пандемијата на заразна болест, начинот на кој ги заштитуваме нашите работници денес јасно утврдува колку ќе бидат отпорни нашите претпријатија како што ќе се развива оваа пандемија, изјави Гај Рајдер, Генералниот директор на МОТ.
Конкретно, мерките за контрола на ризикот треба да бидат посебно приспособени кон потребите на работниците што се во првите борбени редови против пандемијата. Тука се вклучени здравствените работници, но и вработените во продажбата на храна на мало и службите за чистење.
Д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генералниот директор на СЗО истакна дека на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа потребно е сите земји да обезбедат добро-дефинирани, достоинствени и безбедни работни услови за сите здравствени работници.
Во таа насока МОТ препорачува: Мапирање на опасностите и процена на сите ризици од зараза кај работните операции; усвојување наменски мерки (намалување на физичката интеракција меѓу работниците и почитување физичко дистанцирање, подобрување на вентилацијата на работното место и редовно чистење на површините и дезинфекција); обезбедување лична заштитна опрема за работниците, по потреба и бесплатно; обезбедување мерки за изолирање на сомнителни случаи; обезбедување поддршка за заштита на менталното здравје и обука, едукација и информативен материјал за здравјето и безбедноста при работа.