ПЕНДАРОВСКИ: НЕ МОЖАМ ДА ВЕРУВАМ ДЕКА ВО 21 ВЕК НЕКОЈ МОЖЕ ДА СПОРИ НЕЧИЈ ЈАЗИК (ВИДЕО)

Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“ зборувајќи за барањата на Бугарија во однос на македонскиот јазик, изјави дека тоа е најригидната одредба во декларацијата на бугарскиот парламент.

– Јас морам да ви кажам, најискрено, кога ја прочитав по првпат, на два три пати се навраќав на таа формулација. Не можев да верувам дека во 21 век некој некому може да му спори дека неговиот јазик се нарекува така како што самиот го кодификува и го практикува со децении наназад. Македонскиот јазик е историски факт и е потврден на меѓународно ниво од 1974 година. Тогашна Југославија како членка на Обединетите нации има декларирано три официјални јазици нна својата територија. Македонскиот е од тогаш влезен во номенклатурата на ОН, важи за најголемата светска организација во која членки се практично сите држави кои постојат на земјината топка. 1977, тоа што е цитирано во Преспанскиот договор, таа конференција на ОН, на која македонскиот јазик се афирмира на меѓународно ниво е 3 години подоцна, тоа само констатира нешто што е претходно гол лингвистички и практичен факт. Не би рекол политички факт. Неспорен факт е исто така, во рамки на јазичниот комплекс дека во 1946 година, втората комисија предводена од Блаже Коневски го кодификува македонскиот литературен јазик. Тоа се факти, тоа се завршени работи, тоа се факти за кои не може да се отвора дебата, вели Пендаровски.

Translate »