Самоубиство поради коронавирусот во Штип
Едно убиство и четири самоубиства бележи билтенот на полицијата откако почнаа рестриктивните мерки во државава поради коронавирусот.
Едно убиство и четири самоубиства бележи билтенот на полицијата откако почнаа рестриктивните мерки во државава поради коронавирусот. Еден случај од самоубиствата кој е регистриран во Штип е поврзан со ковид-19. Лицето како причина за самоубиството во последната порака ја посочило расправијата со сопругата околу коронавирусот. Во истиот период регистрирани се и девет обиди за самоубиство за кои досега не е утврдено дека се поврзани со вирусот.
Според статистиката на МВР во однос на семејното насилство, од 12 март до 12 април регистрирани се 79 кривични дела сторени при семејно насилство, што претставува намалување за 28 отсто во однос на претходниот период, кога биле регистрирани 109 кривични дела.
Во делот на прекршоците регистрирани се 32 прекршоци што претставува намалување за 33 отсто во однос на истиот период од претходната година. Од прекршоците, најголемиот дел или 55 отсто се регистрирани на подрачје на СВР Скопје, потоа во СВР Штип 16,6 отсто и СВР Куманово 10,8 отсто, додека во СВР Битола, СВР Велес и СВР Струмица не е регистриран ниту еден прекршок.
Во делот на поплаките поднесени од лица против членови на нивното семејство, МВР бележи зголемување од 32 отсто, односно поднесени се вкупно 310 поплаки. Најголем број од поплаките се регистрирани на подрачје на СВР Битола 66, потоа на СВР Штип и СВР Велес 51. Зголемување за 84,6 отсто на поплаките е забележано на подрачјето на СВР Скопје, потоа 59,4 отсто на на подрачје на СВР Велес и 27 отсто на подрачјето на СВР Битола.
Пандемијата го промени начинот на функционирање, односно повеќето луѓе работат од дома, користат разни платформи, работат онлајн, одржуваат видео – состаноци, значително се зголеми е-трговијата и е-плаќањето, со што се зголемија ризиците за безбедноста и заштитата на личните податоци на корисниците, податоците од нивните платежни картички и банкарски сметки.
„Ваквите состојби резултираа со злоупотреба на податоци од платежни картички на наши државјани, за што се пристигнати две пријави, чии податоци им се злоупотребени на онлајн трансакции на македонски и странски интернет страни. Потоа регистриран е нов модус на извршување каде во компјутерски систем се пријавуваат лица, а овој систем ги собира и чува личните податоци за лицата заедно со нивната лична електронска пошта и ИП адреса на корисник кој го извршил пријавувањето на лицата. Добиени се и две пријави од правни лица за креирање на лажни страни, кои се идентични на нивните оригинални страни, каде се нудат лажни наградни игри, со цел да се прибават лични податоци од лицата, броеви од платежни картички, кои понатаму ќе бидат злоупотребени, со цел злоупотреба на личните податоци и податоците од платежни картички, банкарски сметки на граѓаните, кој модус е активен и овој период“, информираат за МИА од МВР.
Полицијата забележала криење на ИП адресите на корисниците на интернет користејќи VPN/Proxy сервиси заедно со невалидни или измислени електронски пошти. На измислените и лажни електронски пошти системот не е во можност да испраќа линк за верификација и системот не го прифаќа и ги одбива овие податоци за доставени и пријавени лица. Ова значи дека лицата лажно се обидуваат да се пријавуваат во системот внесувајќи лажни податоци со што го оптоваруваат системот за обработка на истите.
Полицискиот билтен регистрира зголемен е бројот на содржини на интернет и на социјалните медиуми кои се поврзани со вести за вирусот ковид-19, потоа голем број на содржини кои имаат елементи на говор на омраза, содржини кои ја загрозуваат сигурноста кон одредени лица, за што се доставени 17 известувања до Основно Јавно Обвинителство Скопје. Покрај ова, Секторот за компјутерски криминал до сега има доставено 20 известувања до ОЈО Скопје, за кривични дела против здравјето на луѓето.