ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ТРЕТИНА ОД ГРАЃАНИТЕ ОЧЕКУВААТ НОРМАЛИЗАЦИЈА НА СОСТОЈБАТА СО КОРОНАВИРУСОТ ДО КРАЈОТ НА МАЈ

Во споредба со истражувањето во март, не се бележат значителни промени кај расположението на граѓаните, вели истражувањето на јавното мислење по нарачка на „Детектор“. 40,7 отсто од анкетираните граѓани велат дека се задоволни од начинот на кој се врши тестирањето за присуство на коронавирусот. 33,8 отсто велат дека не се задоволни, а 25,5 проценти немаат одговор на ова прашање.

Повеќе од една третина од анкетираните очекуваат нормализација на состојбата до крајот на мај. Ваков став имаат 36,6 проценти од анкетираните, 18,3 отсто очекуваат нормализација до крајот на јуни, а 12,1 проценти до крајот на месец април. 7,2 отсто од анкетираните сметаат дека нормализација ќе имаме дури во септември, 5,1 отсто до крајот на годината, а 1,3 проценти следната година .

Граѓаните и натаму најмногу стравуваат од економската криза предизвикана од корона вирусот. Ваков став имаат 33,5 отсто од анкетираните, што е благо намалување во однос на оние 38,8 отсто кои економската криза ги загрижуваше најмногу во мартовската анкета.
11,8 отсто стравуваат од колапс на здравствениот систем, 10,1 отсто од недостаток на храна и лекови, 8,5 отсто од рестрикциите на социјалниот живот и 7,6 отсто од губењето на работното место.

Во однос на земјите од регионот, граѓаните во мнозинство сметаат дека нема некоја разлика во начинот на кој Македонија се справува со кризата.

Ваков став имаат 49 отсто од анкетираните, 23,6 отсто сметаат дека земјава се справува подобро, а 17,1 проценти полошо од соседните земји.

Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор телефонски го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1123 испитаници во периодот од 21 до 24 април.

Translate »